Никој ли веќе не сака да биде моден уредник?

Порано, уредниците на печатени модни списанија ги напуштаа работните места само во случај на отказ, смрт или пензија. Вака пишува Шантал Фернандез во статија за Бизнис оф Фешн, на тема одлевањето од списанијата во ИТ индустријата. „Но денес,“ вели, „уредниците често ја гледаат позицијата на врвот на еден магазин како отскочна даска.“

Она што ги чека во светот на ИТ не е само подебел новчаник - за уредниците кои направиле кариера од забележување на најновите трендови, технологијата нуди можност да се почувствуваат како конечно да пристигнале на почетокот на нешто важно, без разлика што можеби доцнат десет години. Генерално гледано, не е ново луѓето да бегаат од медиуми во технологија. И „флејтистот од Хамелин“ за нив беше Ева Чен. Во 2014, една година откако доби задача да го оживее месечникот на Конде Наст - Лаки, корпорацијата објави дека го спојува магазинот со платформата БичМинт и ја создава Лаки групата - последен напор да се спаси насловот откако печатените медиуми почнаа да пропаѓаат. На Чен новата улога ѝ стана „главен и одговорен трговец“, и мораше да жонглира со неколку работи за кои не беше доволно платена (мерчандајзинг, пишување и слично). Во април 2015, Чен објави дека го напушта Лаки, а во мај списанието објави дека ќе почне да излегува на четири месеци - за да пропадне за само еден месец. Чен наскоро потоа кажа дека влегла во Инстаграм, како диркетор на модни партнерства:

„Колку повеќе размислував за тоа, толку повеќе сфаќав дека, јас веќе секако го правев ова,“ изјавува таа. „Секогаш му пишував мејлови на Чарлс (Порч, потпретседател на глобални партнерства во Инстаграм), да му кажам, ова мораш да го додадеш.“

Во тоа време, Чен беше исклучок. Нејзините колешки по уредништво главно сѐ уште се водеа како принт-ветерани со плати од златната ера и штотуку почнуваа да се адаптираат на „ова дигиталново“. Во следните неколку години, многу од нив ќе бидат „жртви“ на „промена на стража“ - Ана Винтур е меѓу последните што уште стојат на нозе.

Во меѓувреме, тие под нив - дигиталните уредници, менаџерите на социјални мрежи и за публика почнаа да забележуваат колку метриката на социјалните мрежи ги доминира нивните работи. Зошто да седат на состанок цел ден и да дискутираат како подобро да му удоволи на Фејсбук, кога можат да работат за Фејсбук и да заработуваат двојно повеќе пари?

„Ми се чинеше дека половина од статиите што ги пишував беа едноставно сумирање на Инстаграм постови,“ вели поранешната асистентка на Чен во Лаки, Кристи Даш, која во Инстаграм влезе во 2017, па за тоа вели: „Си реков, значи од овде ги земаме постовите и овде се случува културата.“

Во 2018, Дерек Бласберг, поранешен уредник во Харперс Базар, еднаш опишан и како Труман Капоте на Инстаграм, го најмува Јутјуб за да си ги донесе другарчињата како Наоми Кембел на платформата. Кога Бласберг ја добил работата, вели дека Чен му пратила мејл и отишле на ручек.

Сите овие луѓе и некои помалку познати од нив, прашани како се снаоѓаат, весело кажуваат дека претходните работни места ги спремиле за ова. Наместо да контролираат која содржина ќе се издаде, сега помагаат да се создаде таа содржина. Се среќаваат со луѓе како Донатела Версаче, или вработени во Гуп и ги учат на најдобрите алатки и филтри на апликациите.

Постои можност, се разбира, да им недостасува атмосферата што порано ја имале на врвот на нивните списанија, но само со културолошки капитал не се купува куќа, а заработувачката од овие технолошки компании ги прави тешки за напуштање. Повеќето сѐ уште планираат присуство на модните недели, а за тие што имаат долги години кариера пред себе, технолошката сфера го нуди токму тоа: сигурна иднина, со многу опции. Многу луѓе, вели Даш, оттогаш ја прашувале како да ја направат промената.

„Искрено, кога почнав да работам овде пред четири години, многу од луѓето како мене веќе стануваа директори, дури и главни уредници во списанија,“ вели таа. „И си велев, океј, тоа е прекрасно и инспиративно, ама после - што?“

17 септември 2021 - 14:13