Ни требаат „goddess parties”

Затоа што не се само родендени и девојачки вечери за славење.

Има еден нов вид на забави и славења со толку занимлив концепт, што ред е да почнеме да ги практикуваме повеќе. Сигурно ви е јасно, ама за секој случај - goddess е божица. Другото ви е јасно.

Сме чуле за baby showers, кога се носат поклончиња за нероден Петко. За момински вечери. За роденден, се разбира. Има тука и таму уште некој конвенционален повод за славење на една личност.

И со новиов концепт се слави една жена - ама на многу подлабоко ниво од „среќен роденден, живели.”

Goddess parties се прават и за роденден и за венчавка и пред породување ама се посветува поголемо внимание на жената околу која се врти славењето. На пример не го славиш само фактот што доаѓа бебето. Ја славиш и нејзе како мајка. Не е роденденот само причина да се натрескаш, туку и таа, макар една вечер, да ја возвишиш другарката што станува една година постара. Не е толку далеку од идејата што веќе ни е јасна де, ама тука запира тоа што ни е познато и влегуваме на територија што е веќе предизвик.

Затоа што, goddess party се прави и за следниве ствари:

Развод

Додека да се навикнете на идејата дека и разводот е за славење, доволно е да се навикнете на концептот дека штотуку разведена жена апсолутно заслужува забава каде што се слави нејзината личност, успех, сила и истрајност. Каде што ќе биде ислушана, утешена, расположена од најблиските. Не мора музика. Не мора пијанчење. Ама една вечер, посветена на нејзе, каде што станува повеќе од очигледно дека е важна и дека има нејзини луѓе е скроз битна.

Тоа што терминот goddess party асоцира на забава, не значи дека поводот е фин и забавен. Лесно е да се собереш за фино. Ама концептот опфаќа и не толку фино.

Спонтан абортус

Каде што би се искористил целиот женски потенцијал за сочувство и утеха. За споделување искуства и длабоки разговори. Сè со цел да се подигне духот на жената која поминува низ тоа непријатно искуство и да ѝ се даде надеж. Затоа што понекогаш да се одзбори и прележи неубавото е поважно од славење на убавото.

На поведрата страна, goddess party може да се прави за

Поставување цел во животот

Без разлика дали ќе се соберат жени и ќе разговараат за нештата што сакаат да ги постигнат, или ќе се слави една што одлучила дека ќе даде отказ од администрација и ќе отвори палачинкара, дали една пишала во групна на Вибер „ќе раѓам бебе од донор” или „ќе патувам низ светот”, или едноставно треба меѓусебно јачање за веќе поставените цели, проблем ли е тоа да се прослави во посебна вечер, со алкохол? Не.

Уште позанимливо е

Забава за прифаќање на сексуалноста

Овде само ќе нафрлиме идеи: Вечер со танцување на шипка, фото-сесии во долна облека, долги разговори на пикантни теми, сето тоа тематски организирано, со пијалоци што одговараат на вечерта и благо. Треба ли воопшто убедување? Затоа што, кој ќе те сфати дека сакаш да се сликаш пред платно, со чадори и во долен веш, ако не другарките.

И на крај,

Без причина

Озбилно. Стварно не ви треба причина да се соберете и да прославите. Измислете дека славите што сакате. Мора ли посебен повод? Раскажете во друштво дека во ниедно време, на језив дожд одма сте нашле такси и ете ви причина. Ви е криво што тематски момински вечери се прават само кога некоја се мажи? Не мора веќе да ви биде криво.

Супер е ова goddess party

11 декември 2018 - 14:54