Невестата што избрка гости со деца

Блесави невести се драга категорија на Off Café, ама со оваа изгледа ќе мора да се согласиме.

Имавме една невеста на денот со списоче за прифатливо однесување на свадбата каде што беше наведено и „ВООПШТО НЕ РАЗГОВАРАЈТЕ СО НЕВЕСТАТА”, па имавме уште една што инсистираше на пари и имаше GoFundMe страница за донации за меден месец, и сите тие се прекрасни, да речеме, трачеви, ама најновава не е баш толку будала.

Сакала свадба без деца. И уредно на поканите напишала „без деца”.

Се разбира дека еден пар доаѓа со деца.

Не било какви деца. Со мало растрчано дете и бебе.

Дали се криви децата? Не. На малото му е работа да трча и да прави глупости, на бебето му е работа да плаче затоа што му смета гласна музика. Треба да си глуп да инсистираш дека ти следува прифаќање сосе деца на приватен настан на кој се доаѓа, според желбата на домаќините, „без деца”.

Невестата на Реддит ја образложува ситуацијата, со прашањето „Дали сум во право што избркав еден пар што си ги донесе бебето и детето кај мене на свадба, затоа што сакав да нема деца?”

„На венчавањето дозволив, имав попаметна работа. Исто така мислев и дека можеби не планираат да останат на веселбата, или дека некој ќе дојде да ги земе децата пред да почне.”

Каков оптимист.

Невестата го замолила организаторот да отиде да ги праша каков им е планот. „Сите беа пијани, гласни и разулавени и расплакано бебе и растрчано дете ич не беа дел од планот,” раскажува. Забележува дека организаторот се закарува со парот и оди да ја смири ситуацијата.

„Мислам дека мислеа дека дојдов да ги спасувам, затоа што ми се нафрлија колку е безобразен човекот. Јас реков дека настанот е планиран да биде без деца и дека така и напишав на поканите.”

Гостинката почнува да се убедува дека ќе гледаат децата да бидат умни, а невестата одговара „не беше тоа поентата.” После тоа доаѓа зетот, па малку се расправа со машката половина од некултурните гости.

„На крај, збеснав и им реков да си одат, што за среќа веднаш и направија, без многу галамење. Сепак, беше многу непријатно и ми е криво што свадбата на некој начин ќе ми биде извалкана со овој инцидент.”

И, можеме да дишеме, бар денес, затоа што главно, реакциите се дека невестата е во право и нема One Million Moms, односно, една од новите гранки на инквизицијата да ја нападне.

Ама стварно, колку треба да си дрзок да пишува „не може ова” и ти да правиш баш „тоа”, на туѓ настан?

Заслужуваат да изнајмиш четири Тибетански мастифи и да им дојдеш на гости со нив, затоа што „ќе се потрудиш да бидат умни.”

За тие во последниот ред што викаат „па како да одам ако нема кој да ги чува?” - Не оди.

27 декември 2018 - 00:00