Неочекуваната контраиндикација на новото нормално: Сега сите лажат

Три лаги што ги кажувам периодов: Дека не сум излегла од дома (сум); Дека секаде носам маска (не е точно); „Дека сум среќна што имам привилегија да седам дома (понекогаш сум мизерна).

Алисон Хоуп од Космополитен прави осврт на новата категорија лаги (и колку се чести) откако светот живее во пандемија.

Лаги што ми ги кажале мене периодов:

Кога се понудив на моите да им однесам цвеќиња за дворот, со оглед на тоа што не излегуваат, мајка ми рече добро… и призна дека татко ми излегол и веќе бил во продавница.

Една пријателка призна дека го пуштила детето кај другарче на гости.

Уште една пријателка рече дека со никој не се видела. После призна дека се подружила со другарка. Не, со две. Односно, три. Три различни другарки.

Насекаде лаги. Од јавни ветувања за социјално дистанцирање, до начини да се избегне уште еден „Зум хепи аур“, променливите социјални норми во сред-ковид ситуација креираат нови притисоци со кои луѓето мораат да се помират - или барем да се преправаат дека се помирени.

„Не е ова сезона на алергии - сезона на лажење е,“ вели Лорен Зандер, лајф коуч за славни и основач на компанија за лајф-коучинг во Њујорк. А, според реални експерти што всушност го истражуваат ова, просечниот број на лаги што човек ги кажува во еден ден е 1,65. Ама пред корона. Не дека е лажењето зачестено поради пандемијата, ама Ковид на луѓето им овозможи поинаква категорија на лаги, според Зандер.

Текстот понатаму зема пример од одредена Мелиса Личфилд, од Савана, Џорџија, која работи дигитално огласување. Измалтретирана од многу работа, а без да има кој да ѝ ги чува децата, на бебиситерката ѝ пишува да дојде да помогне. Само што, „заборава“ да му каже на сопругот, кој е на работа. „Жонглирам со деца и работа и многу е тешко и стресно. А не сакав да ми судат што ги кршам правилата за социјално дистанцирање.“

Друг пример е Дејвид Н. од ИТ компанија кој лаже за да се извади од работни состаноци. Му било страв да се среќава со луѓе во зачетокот на пандемијата и не сакал да мислат дека е паничар.

Лажењето во контекст на пандемија, кога здравјето ти е на ризик звучи некако пооправдано и простливо од лажење за да не се видиш со родителите на партнерот на пример, само затоа што не ги сакаш. „Понекогаш, кога стресот е голем, бараме едноставни решенија за комплексни проблеми. Ова ни дозволува да почувствуваме дека имаме контрола, а не е така,“ вели психијатар од Чикаго, д-р Паван Прасад. Други лаги се само ситни победи во очи на иритантните нови трендови. На пример, сосема е оправдано да лажеш за да се извадиш од заедничко гледање серија на Зум.

Иако овие пандемиски лаги се ситни, па дури и непотребни, фактот што има нови правила за живеење меѓу луѓе, и тоа ги креираме по пат, значи дека се и неизбежни. Лагата доаѓа на ред кога личноста се плаши од ефектот што ќе го предизвика вистината, а во пандемијава има безброј правила кои не се баш црно-бели.

А што кога ќе фатите некого во лага, баш околу социјалното дистанцирање и новите правила? Упатство од невропсихолог:

„Земете длабок здив, тргнете ја емотивноста и едноставно посочете го однесувањето што сте го посведочиле и прашајте зошто го направиле тоа. Имајте отворен ум и слушајте. Оттаму, можете љубезно да едуцирате.“

А можеби и не мора. Понекогаш е во ред да кажеш во сред Зум, „Морам да одам да го шетам кучето, извини, се гасам,“ иако планираш да дочиташ книга. Лага е, ама па, и книгата е забавна, а времето - твое.

14 септември 2020 - 12:23