Нема веќе беспари седење во Старбакс

Не дека се утепавме од седење, него ете, кога ќе прошетаме некаде.

Нашите сограѓани испостени од Старбакс и други инстаграмливи работи редовно си купуваат кафиња и ги сликаат чашите со згрешено име, па ова може и да не се однесува на нив. Но, за оние што знаеја да си влезат, со лаптоп и слушалки и да си поседат и да си поработат без никаква нарачка повеќе нема да можат да користат ни маса, ни тоалет без да нарачаат нешто.

Старбакс ја повлекува својата политика на отворени врати и со тоа и на гагаџиите, и на тие што немаа услови дома, и на тие што немаат никаква дома им ускрати гостопримство.

Во моментов, ова важи за сите дуќани во Северна Америка, а заедно со ова, официјално се забранува и дискриминација, малтретирање, пиење алкохол купен надвор, пушење, користење дрога и просење. Вакви работи и досега не беа дозволени, но сега се официјални. Ова е начин Старбакс да даде приоритет на тие што си плаќаат.

„Сакаме сите да се чувствуваат добредојдени и да им е удобно во нашите продавници,“ се вели во изјавата. „Со поставување јасни очекувања за однесувањето и употребата на нашите простори, можеме да креираме подобра атмосфера за сите.“

Тие што ќе ги прекршат правилата можат да бидат и уапсени.

21 јануари 2025 - 10:12