Нека не нѐ мавтаат од ОН дека навиваат за жени

Обединетите нации многу сакаат суперхерои. Во 2016, Wonder Woman стана „почесен амбасадор за инспирирање жени и девојчиња.“ Оваа недела, шефот на ОН, Антонио Гутерес стана и витез во сјаен оклоп, откако беснееше против „цел милениум патријархат“.

Што значи дека сега, ОН го слави својот шеф (машко) што истакнува дека живееме во „свет каде културата ја доминираат мажи“. Гутерес е инаку деветти маж на функцијата генерален секретар и жена на таа позиција никогаш немало. Затоа е и малку смешно.

А веќе некое време се лути Гутерес за родовата (не)еднаквост. Годинава на пример, се пофали дека постигнал родова еднаквост кај поважните функции во ОН и се заколна дека до 2028 ќе постигне родов баланс во целата институција. Е, леле.

Не само што ти прават незгодно овие обиди на освестени мажи да им се допаднат на феминистките од социјалните мрежи - можат да бидат и опасни. Аплаудирајќи на ОН што ете, имаат шеф кој ги кажува сите клучни фрази на една прес-конференција, или што може во трендинг да го вметне 8 Март секоја година, забораваме да го погледнеме и круцијалниот факт - дека институции како ОН немаат никаков реален интерес да воведат промени кои на жените вистински им требаат, ако сакаат да се борат против нееднаквоста.

Коментарите на Гутерес против патријархатот се од состанок со „претставници од женското граѓанско општество“. Клучниот фокус на состанокот е дека проблемите како расизам, дискриминација против луѓе со инвалидитет и порастот на тинејџерска бременост се докази дека на жените повторно им се одземаат права. Сѐ уште постојат земји каде доминираат мажи и каде се верува во потчинување на жената, па Гутерес е и во право за некои работи. Но, неговите коментари не се директно насочени кон саудиски сексисти, или хомофобичните политичари во Полска. Мрзливото чадор-осудување на патријархатот е всушност одличен начин да им се обратиш на различни општества и општо на мажите, додека притоа им вршиш притисок на луѓето да внимаваат што кажуваат и да го сменат однесувањето.

Затоа и оваа година, ОН објавија серија упатства за борба со културата доминирана од мажи, која на глобалното граѓанство му дава инструкции како да се изразува. Да не се викало, на пример, „ви благодарам дами, што ја разубавувате собава“, или да не се вика „man-made“ туку „human-caused“.

И сето ова не го прави Гутерес херој што повикува „да се стави крај на машката доминација“. Осудување на патријархатот и не покажува некоја острина деновиве - напротив, задолжително е за јавни фигури. Феминизмот е станат толку мејнстрим, што шефовите на недемократски институции ширум светот очекуваат да им аплаудираат жени што живеат сиромашно, само затоа што твитнале нешто за глобалниот сексизам.

Вистината е дека ОН има докажано, и тоа многу пати до сега, дека нема поим што вистински сакаат жените и што им треба за да си го подобрат квалитетот на животот. За време на пандемијата, дури и праќаа серија твитови за доење, да би ги потсетиле мајките да не се откажуваат од цицка, дури и додека се препотуваат од температура со Ковид.

Но, можеби најиритантната идеја што ја заговара Гутерес, а и неговите фанови, е дека жените би се чувствувале многу подобро само ако има по некој кармин на водечка позиција. Секаде е раширена идејата дека жени-лидери, како Џасинда Арден, Цаи Инг-Вен и Ангела Меркел подобро се снашле во пандемијата, затоа што наводно, нивната емпатија, сочувство и одлуки донесени со докази ги прават подобри лидери од мажите. Никој не истакнува други, далеку поважни фактори поврзани со земјите што овие жени ги водат, како пристапот до богатство и ресурси што нивните граѓани го уживаат. Не, жените-лидери ги слават затоа што се, божем пофини; помалку популистички; бараат консензус наместо конфликт, итн.

На жените не им требаат попријатни дами на водечки позиции - им треба вистинска, опиплива промена. Ковид-пандемијата ги истакна нееднаквостите во земји каде што жените се сѐ уште граѓани од втора класа. Откри скриени проблеми дури и во земји како Велика Британија каде што жените главно добиваат еднаков третман. Мајките особено настрадаа, соочени со притисокот на деца, дома, работа и живот.

Се намали и пристапот до грижа поврзана со абортус и третмани за плодност поради стопирањето на светот. Изолацијата им отежна на жртвите на семејно насилство да побараат помош. Професиите како медицински сестри и чистачки цело време ги фалат како херојски, а сепак се платени недостојно.

На жените им треба вистинска промена, не само празни зборови од мажи што твитаат за патријархатот од удобноста на нивните олигархиски институции. Ако веќе расправаме за женската слобода во ова „ново нормално“ што ни се случува, тогаш да престанеме да размислуваме за фиктивни идеи како херои и патријархатот како негативец во филм, и да почнеме на жените да им овозможуваме моќ да побараат повисок квалитет на живот.

-Ела Вилан

19 октомври 2020 - 12:07