Веројатно првите моменти кога се гордееш со премор настапуваат во средно, можеби на факултет, кога се фалиш дека не си заспал два дена, или си учел цела ноќ. Можеби и на првото работно место во кафич, кога е „најјако“ што те разденило после трета смена.
Сега важи правилото дека ако сакаш да бидеш добра мајка, по дифолт треба да си преморена. Сепак, нели, добрите мајки ги ставаат сите други пред себе. Несебични се. Одлучуваат врз основа на туѓите потреби, не своите.
Ако сте прегорени (терминот е burnout), значи дека сте дале сѐ што имате да дадете од себе на други - на децата, на партнерот, на работа - и за вас не останало ништо. Сте биле несебични до степен на распаѓање.
И те фалат плус.
„Браво.“
„Преморена си.“
„Немаш ништо за себе направено со недели.“
„Од колку многу си се откажала.“
Сентиментот е вкоренет во застарениот архетип за мајка, да, но, успева да се задржи на површина затоа што дозволува општеството да нема никаква вина. Кога мајките ќе прегорат - и ќе се гордеат со тоа - општеството се извлекува со тоа колку лошо ги третира. Да се цени идејата дека добрите мајки се прегорени значи дека не мора да се обрне внимание на фундаменталните проблеми од кои се преморени.
Глорифицирањето на добрата, преморена мајка е општо вадење од потребната грижа за истата мајка.
Еден вирален твит на темава:
We NEED to stop glamourising overworking. Please.
— Katy Leeson (@KatyLeeson) November 14, 2020
The absence of sleep, good diet, exercise, relaxation, and time with friends and family isn't something to be applauded.
Too many people wear their burnout as a badge of honour.
And it needs to change.
Вели, „Треба фа престанеме да го гламоризираме преработувањето. Ве молам. Недостатокот на сон, добра исхрана, вежбање, опуштање и време за друштво и семејство не е нешто што треба да се поддржи. Премногу луѓе го носат своето прегорување како орден на чест. Ова мора да се смени.“
Идејата дека сме повредни и попродуктивни луѓе ако сме истоштени е штетна. А идејата дека колку се мајките поуморни, толку повеќе ги бива може и да ги убие - не фигуративно, туку буквално. Прегорувањето има многу реални и значајни последици по здравјето.
Доста ги терате мајките да мислат дека за да бидат добри мајки, мораат да се убијат од работа.
Доста им викате дека мора да бидат садови полни несебичност која постојано ќе ја истураат врз други.
Доста ги терате да мислат дека не прават доволно ако не се претворат во лушпа од самите себе.
Овој наратив бара колективно отфрлање.
Може да се биде добра мајка и да се грижиш за себе.
И може да се биде добра мајка и да се побара од општеството да те поддржи.