Тогаш секако не се викало Halloween, а први го организирале Келтите, кои на просторите на денешна Ирска славеле Нова година на 1 ноември. Ноќта претходно, го славеле Савин - време кога мртвите ги напуштаат своите гробови и ги посетуваат нивните некогашни домови.
Живите, преплашени од можноста да ги сретнат мртвите, си ги шарале лицата, навлекувале страшни маски, главно од животински глави и кожи, за да ги одбијат духовите од нивните домови. Келтските свештеници правеле огромни клади околу кои се собирале селаните и принесувале жртви на пагански божества.
Кога дошле Римјаните, „ноќта кога мртвите стануваат“ продолжува да постои со промена во верувањето - на истиот датум, Римјаните ја обележувале ноќта кога богот на темнината го убива богот на светлото и божицата на природата ја носи во подземјето каде што она зимно време ќе мирува и ќе се грижи за душите на мртвите.
Старите Римјани на праговите оставале храна и издлабени репки во кои ставале запалени свеќи за грешните души да се исплашат, а на добрите да им помогнат да го пронајдат патот до дома.
Од каде тиквата?
Еден од најважните симболи и обичаи на Halloween, потекнува од легендата за Џек О’Лантерн, кој склучил договор со Ѓаволот во замена за неговата душа, а кога умрел, Ѓаволот го проколнал засекогаш да лута по земјата и да ја бара. Во џебот имал репка, па ја издлабил, во нејзе ставил вжарен јаглен што му го дал Ѓаволот и тргнал низ мракот по кој „и денес лута, носејќи издлабена репка во џебот“.
Во Ирска и Шкотска од каде што потекнува оваа легенда, луѓето одамна резбале патлиџан или компир. Во Англија длабат репки. Дури откако легендата, заедно со првите доселеници го преминала океанот и дошла до Америка, почнале да се украсуваат тикви.
Ни црквата не можела да го укине празникот
Обичајот бил толку вкоренет во свеста на народот, што ни христијанството не успеало да го искорени. Наместо да го забрани, црквата го прилагодила, па 31-ви станал почеток на тридневен празник посветен на сеќавањето на мртвите - светци, маченици и сите починати верници. Така настанал Празникот на сите свети, а ноќта на паганските богови станала Ноќ на сите свети, или All Hallows Eve.
Црквата го вовела обичајот хорови од верници да одат од куќа на куќа и во замена за храна да му пејат на домаќинот и да ги молат духовите за сите починати од тој дом. Со тек на време, тој обичај се променил, па сега од врата на врата одат деца и бараат благо, со викање trick or treat!
Во 19 век, ирските имигранти оваа традиција ја пренеле во Северна Америка, каде откриле дека тиквите се длабат уште полесно и поубаво отколку репка или компир.
Во децениите што следат, комерцијализацијата си го прави своето и трансформацијата е потполна - се раѓа Halloween.