Во ред, што и да значи, јас немам намера.
Се мачам. Мислев дека процесот на стареење ќе биде бавен и постепен, толку суптилен што едвај ќе забележувам, а секој чекор ќе биде толку незначителен што ќе имам време да ги прифатам овие бавни, бавни промени во изгледот и како физички се чувствувам.
Ама не. Стареењето не оди така. Стареењето те мава ненадејно и без предупредување, како врата што мислиш дека треба да се повлече, а треба да се бутне и некој ти ја отвара од внатре и те плеска во фаца. Ненадејно е, шокантно, болно и засрамувачко и лицето никогаш нема да ти биде исто. Еден ден се гледаш во огледало и викаш „која е бре оваа беснава?“ Слатките мали брчки од смеење на слепоочниците се претвориле во кањони низ кои се поминува со чамец, кожата не ти е сјајна и еластична, а наместо деколте, имаш брчки на гради. БРЧКИ. НА. ГРАДИ. Тоа е едно ужасно срање и не сакам да слушам дека е нормално кога старееш. Грациозно жими газов.
Се брчкам и ме боли на места што никогаш не се брчкале и не болеле претходно и никакво истегнување и внимавање на себе не помага. Ова сум јас сега. Сѐ се случи одеднаш. Не со тек на време. Одеднаш. Еден ден можев да правам шпага, и одеднаш веќе не можев. Заеби.
Можеби со исхрана и вежбање можам да си помогнам околу овие чувства. Не спијам добро и скоро цело време сум под благ стрес, па сигурна сум дека имам висок кортизол што ми прави проблеми. Кортизолот е отров. Ама истовремено и сум уморна од внимавање на себе. Уморна сум од бивање сама своја навивачка. Уморна сум од тркалото на убавината во кое трчаш како хрчак. Цел живот го поминав пиејќи смутиња од зеленчук и вежбајќи. Сега сакам да пливам во тесто за колачи и со секој завеслај да голтам по малку од тоа.
Тоа е уште една работа за која никој не те предупредува - се уморуваш од трудење околу некои работи само затоа што толку долго си ги правел. Кога си млад, невозможно е да знаеш како е, затоа што не си живеел доволен број на години за да го искусиш тоа. Уморна сум од секирање и без разлика што сакам да си го прифатам стомакот и брчките на вратот, не знам како. Знам колку плитко и глупо звучи ова. Преглупо е.
На ова мислам кога ќе кажам дека не стареам грациозно. Во глава имам премногу парадоксални мисли. Имам секакви чувства што не треба да ги имам - некогаш се гледам во огледало и малку се гадам од себе, па се мразам себеси што се мразам себеси, затоа што знам дека треба да се сакам безусловно и да не се опседнувам со изгледот, па после мислам дека нешто не е во ред со мене што не се сакам безусловно, па после и заради тоа се мразам. Зошто сум толку построга со себе отколку со другите? Какво е ова срање?
А не е дека не се трудам. Читам и за боди позитивити и за ејџ позитивити, вежбам скоро редовно и се убедувам дека е заради „моето ментално здравје“, земам суплементи и медитирам. Се обидувам да ги прифатам промените што ми се наметнати толку ненадејно и присилно. Се потсетувам дека стареењето е привилегија што не може секој да си ја дозволи, дека физичката убавина е површна и безначајна и дека треба да сум среќна што сум жива. Аман, имам привилегија да сум жива.
Веројатно со стареење доаѓа и знаење повеќе за работите, па тоа е… фино, веројатно, освен што половина од времето сепак се чувствувам како мало пиле што го бутнале од гнездо. Со секоја помината година сум сѐ посвесна колку не знам, како да се опаметувам околу тоа колку сум всушност глупава. Тоа ли е мудрост - да дозволиш да не знаеш?
Ова е многу непријатно.
Само размислување на темата ми прави нови брчки.
И така. Стареам без грациозност. Мојот младешки сјај се претвори во големи пори и мрак под очи, и тоа ме нервира, и се лутам на себе што ме нервира.
Сеедно. Ќе одам да си направам тесто за колачи.