Не може и Тед Банди да ви е згоден

Тоа сака да каже Нетфликс со последниот апел до своите корисници кои никако да сфатат дека под „згоден маж” се подразбира, ако ништо друго - да нема убиствени нагони.

Што стана со паметен, згоден, висок, со смисла за хумор, нежен, пријатен, вреден и слични други фантазии за совршен маж? Не дека баш сите карактеристики ќе се најдеа кај еден таков, ама кога малце е сериски убиец стана новото малце е, што знам, низок, да речеме?

Откако жените ширум светот го баталија фактот што главниот лик во You буквално ОДЗЕМАШЕ ЧОВЕЧКИ ЖИВОТИ, затоа што „многу знаеше да прај муабет” и беше „баш симпатичен” и „да не беше психопат ќе беше совршен дечко”, сега си најдоа нов, бетер.

Нетфликс ни пушти Conversations with a Killer: The Ted Bundy Tapes, за серискиот убиец заради кој и најверојатно е воведен терминот „сериски убиец”, кој роварел околу Вашингтон во ’70-ти и напаѓал, силувал и до смрт тепал жени (ова само онака, колку да се наведат неколку карактеристики. Ако навлеземе подетално во неговите активности може и да ви се врати доручекот од кај што дошол).

И баш како што и во негово време успевал да ги шармира сите околу себе, да се смешка и да дава фини изјави пред камери, па ретко кога весниците пропуштале да го наречат „шармантниот и згоден студент по право”, и ден денес на луѓето не им доаѓа памет, па нешто - пак им е згоден. Четириесет години подоцна, замислете, Тед Банди уште ги предизвикува истите чувства како кога можел на раат да киднапира и меле жени.

Всушност, токму тоа и не го прави сомнителен - без ЦСИ и милиони трилери за гледање и читање, луѓето во тоа време мислат дека убијците „имаат долги заби и им течат лиги”, како што ќе каже еден од учесниците во документарецот. Така „пријатен и приземен” два пати успева да им избега.

Вака рече Нетфликс на Твитер:

„Гледаме многу муабет за наводната атрактивност на Тед Банди и би сакале нежно да ги потсетиме сите дека има буквално илјадници дечки на Нетфликс - од кои речиси ниеден не е осуден сериски убиец.”

Се разбира дека ова на Нетфликс им е „на шала”, со тоа што, малку така те фаќа незгодно дека се појавува потреба од едно вакво потсетување.

И кога сме веќе кај потребни потсетувања, еве уште едно:

Не, не треба да навиваме за Џо Голдберг

4 февруари 2019 - 02:50