Не, не треба да навиваме за Џо Голдберг

А бе, гледавте You? Колку души ви се насукаа во пораки или во фаца, или на Твитер дека „морате да ја гледате”?

Во серијата, Ден Хамфри од Госип Грл ја запознава случајно Гвеневир Бек во книжарата каде што работи. Оди по нејзе и се вљубува.

Со акцент на оди по нејзе.

Вака личи како независен, хипстерски романтичен филм, со тоа што (ова не е спојлер ако сте го гледале трејлерот), Џо Голдберг, како што овде се вика Ден Хамфри (добро де, глумецот се вика Пен Беџли) е класично манијачиште, со следење, со мастурбирање пред зграда, со све.

И што е најважно, со носење заклучоци дека поради начинот на кој е облечена или муабетот што му го прави, мора да значи дека му пушта водичка.

Зошто тогаш кој стигне навива за Џо Голберг?

Отворете Твитер. Видете колку луѓе ја препорачуваат и колку од нив се шалат на тема „а бе, просто да навиваш за него!”

Финтата е што сценариото (работено според книга) е толку умешно изведено, а ликовите се споени на тој начин, што на момент и забораваш дека се работи за човек што треба да лежи затвор.

Умна е одлуката на пример, нарацијата да ја врши самиот сталкер, со тоа, гледачот има прилика да ѕирне во умот на Џо од самиот почеток, и со тоа да види како се рационализира тоа одвратно однесување, со внатрешни монолози кои можат да те натераат да молиш другар да те испрати до дома. Резултатот е дел Gone Girl, дел American Psycho, со тоа што непријатно ти станува колку лесно успеваш да го сфатиш, па дури и да ти биде симпатичен.

Авторката на книгата, Керолин Кепнес вели:

„Лесно е да го сфатиме затоа што сите знаеме да размислуваме така. Сите мислиме дека светот е против нас. Ама за разлика од Џо, ништо не правиме во врска со тоа.”

Во книгата, чудовиштето е далеку пострашно - и пореално, затоа што не го претставува како чудовиште. Таму е човек што можеш да го сретнеш на Тиндер, некој што ти пишува пораки на Инстаграм, некој што не прифаќа не на шанк, па на крај ќе ти каже ‘кој те ебе и онака си грда.’

Џо е сè ова, пута сто.

Наспроти Госип Грл (пазете има спојлер за Госип Грл, па и за оваа серија на крајот на реченицата

на

на

на

на), како да е полуден Ден Хамфри, што ја следи и манијачи Серена ван дер Вудсен, ама наместо анонимен блог, има секира во рака.

На Редит реакциите се „колку е ужасна Бек” и „каква е гадна Пич”, а на Твитерот на Нетфликс една пишува: „До пола сум и не сум ни сигурна дали ми се допаѓа Бек. Ама Џо го ОБОЖАВАМ, толку ли е страшно тоа?”

Се разбира дека одговорот е „да, страшно е.” Со тоа што, ако ја загребеш површината, ќе сфатиш од каде доаѓаат овие проблематични реакции и на колку мудар начин серијата не тера на непријатни заклучоци и симпатии.

Џо е како принц на бел коњ. Се разбира во литература. Нејќе социјални мрежи. Ги презира оние позерски, неавтентични девојчури од повисоката класа со кои се поистоветува Бек. Многу од она што го прави за да ја изолира и контролира Бек - се крие во туш кабината, ја спасува од воз, ја следи на семеен настан, ја гледа низ прозор - многу лесно може да се стави во романтична комедија и да биде симпатично.

Сме чуле приказни, што од познати, што од свет, за напорни дечки, со тоа што ретко слушаме за крајностите на кои е спремен Џо Голдберг. Ама и тие напорните на шанк и тие страшните се сведуваат на едно: „дозволи да те убедам дека сум вистинскиот.” You е забава, ама реалноста е дека жени гинат поради следачи, партнери или бивши. Во 2018-та, кампањата Unfollow Me откри дека 9% луѓе во Велика Британија се жртви на следење, а половина од нив сметаат дека властите воопшто не го сфаќаат тоа сериозно.

Што е најтрагично, следењето и емотивните уцени често се гледаат како романтика, а жртвите ги обвинуваат за токсичното однесување на тие што ги малтретираат. И поради ова, лесно да сфатиш зошто онлајн реакциите на You се такви. Ликот на Џо е злобен, ескалира со време и го рационализира секој нов чекор токму како што тоа би го правел и реален криминален ум. Според i-d vice, серијата те кани во неговиот ум, но не за да се гламоризира неговото однесување или да го направи симпатичен. Го прави тоа за да ни покаже колку лесно може човек да се навлече на токсичност.

Така што не, не е паметно да се навива за Џо Голдберг.

9 јануари 2019 - 13:53