Не е страшно да им се развикаш на децата

„НЕМА ТЕЛЕВИЗИЈА УТРЕ АКО НЕ СИ ЛЕГНЕШ ВЕДНАШ. ЗАТВОРАМ ВРАТА И НЕ ЈА ОТВОРАМ ДО УТРЕ!“

Јас сум добра мајка-миленијалец. Ги прочитав сите модерни книги за растење деца. Ги следам сите Инстаграм и ТикТок профили што ме учат како да бидам нежен родител. Имаме конзистентна, опуштена рутина за одење во кревет, благодарение на сите книги за тренирање за спиење што ги имам конзумирано. Не давам многу зјапање по екрани и обично не јадеме колачиња пред спиење. Но, колачиња се општо многу вкусни. Па, ако ги има по дома, ги јадеме. Но, за тоа подоцна.

Мене ме израснаа бумери што беа сосема спротивни од „нежно родителство“. Имаа создадено дисциплинска структура околу дерењето толку гласно, што нè вадеа од памет до степен да направиме што сакаат. И добро, сега одам на психијатар, но во тој момент ми се чинеше дека сум баш послушно дете? (Забелешка: Проверив со мајка ми и ми рече дека сум била „оток“).

Трудољубиво работев на тоа да не ги повторам грешките на моите родители. Не сакам децата се плашат од мене! Но, пред некоја вечер, во едно емотивно натегање со моето тригодишно дете, сите техники за нежно родителство што така трудољубиво ги додавав во „кутијата со алатки“ пропаднаа. И се фатив за последното што ми остана: се развикав како бумер.

Еве што се случи. Маж ми не беше во градот, јас сум во третото тримесечје од бременоста, па решив дека треба да јадеме чоколадни колачи за вечера. Едно ѝ дадов на ќерка ми. Таа обожава чоколадни колачи, дури повеќе и од многу трудна жена. Но, чоколадо пред спиење никогаш не било добра идеја... И како што предвидов, беше будна од 1 до 4 сабајле, со сите средства што таа трудољубиво си ги имаше ставено во нејзината кутија со алат, да ми објаснува зошто едноставно мора да спие во кревет со мене. После пет или шест мирни проверки, изгубив нерви.

Садење тикви со ѓаволот е во основа бирање кога ќе преговараш, а кога ќе се расправаш. Е па, во 3ипол сабајле, сфатив дека мојот противник нема намера да се повлече. Затоа земав памет од бумерските правилници, ги засукав ракавите и се спремив да се карам.

„НЕМА ТЕЛЕВИЗИЈА УТРЕ АКО НЕ СИ ЛЕГНЕШ ВЕДНАШ. ЗАТВОРАМ ВРАТА И НЕ ЈА ОТВОРАМ ДО УТРЕ!“

И за драматичен ефект, додадов:

„ЈА БУДИШ ЦЕЛА ЗГРАДА И ЛУЃЕТО ПЛАЧАТ ЗАТОА ШТО САКААТ ДА СПИЈАТ!“

Седнав пред нејзината врата (додека таа тропаше и гребеше како затворен римски лав) и плачев. Се чувствував многу виновна што ѝ се развикав. Дали се претворив во мајка ми?! Што ќе помислат авторките на сите тие книги што ги исчитав?

После десет минути - или 30 секунди, или 6 саати? - решив пак да влезам.

Ѝ влегов во соба уплакана од истоштеност и чувство на вина. Додека ми течеа солзи, си реков, супер, да ги искористиме солзите во преговориве. Ќе се сожали над мене и конечно ќе си легне!“ Но, не. Сега, наместо да врескаме, и двете отворено плачевме меѓу обидите да се убедиме меѓу себе што треба да се случи следно. Јас се обидувам да ја убедам да остане во кревет додека не изгрее сонцето; таа се обидува да ми продаде дека треба да спие во кревет со мене затоа што „само пет минути ќе требаат“. (Што да кажам? Ја бива.) Никој не се повлекува. Овие непријателски преговори само повеќе нè вознемируваат. Се повлекувам повторно пред врата.

После 20 минути тантруми (и креативно преуредување на нејзината соба), таа победува и сега е во кревет со мене и ми ги објаснува придобивките на јадење неколку мрсули пред да заспие. Откако паѓа во сон (конечно), сфаќам колку имам среќа. Да, тоа што изгубив цела ноќ ќе ми го промени мозокот за цела наредна недела, но нејзиното ситно тело склопчено до мене вреди за тоа. И изгледа јас сум поистрауматизирана од викањето од неа - значи веројатно не ја сјебав комплетно со тоа експлодирање што веќе никогаш нема да се случи?

Следното утро пуштаме „Енканто“ (да, знам дека реков нема телевизија) и ја слушаме песната на Луиса. Текстот „Јас сум силната, не сум нервозна“ ми се лепат во глава, затоа што знам дека и двете веќе кроиме планови како ќе оди спиењето вечер. Вечер, лесно ќе го избегнам нагонот да бутнам колаче пред моето дете и апсолутно ќе можам да се справам со станување во 3 сабајле без врескање.

Но, малку ако се развикам, во ред е... Нашите родители нонстоп се дереа, па еве што ни фали... Нели?

-Ана Калегари, PureWow

28 февруари 2023 - 11:00