Не е пица, шминка е

Во денешно време кога на секои пет минути излегува нова палета со сенки, тешко е да понудиш ново и невидено. Ама ако се сака сè се може.

Значи. Излегуваат обични палети. Излегуваат тематски. Палета во форма на еднорог. Палета инспирирана од Хари Потер. Од сирени. Уште еднорози. Уште малце еднорози. Палети и цели колекции шминки инспирирани од - кујна (значи, прејаки, со брашното е божем пудра, чоколадото за готвење е божем за контурирање, значи секоја чест). Па уметници и забавувачи од секоја можна сфера се фаќаат за правење своја колекција. Утре ако го сретнете комшијата во пошта како плаќа сметки, може и да дознаете дека баш се маткал со сопствена линија шминки.

Значи, се разбравме - кој стигна, направи шминки, и шуто и рогато, и способно и неспособно, во сите форми и варијанти, и се покрија сите нијанси што сме ги виделе и не сме ги виделе во природата.

И ќе си рече човек, толку, све се измисли.

Е, не се измисли.

Затоа што до скоро ја немаше палетата инспирирана од ПИЦА.

Некои блесави, решиле дека колку и да е тешко да понудиш ново во било која индустрија, има да се најде начин и точка.

Резултат: цврсто пакување во форма на кутија за пица, од оние во кои што ни ги носат до врата, шарено, сјајно, скапо, сè што треба. И внатре, округло пакување, слика од пица, величина - мала - од оние што обично ги спомнуваме при „требаше да нарачам мала, сега ќе умрам,” и внатре - сенки за очи. Овде, пригодно наречени „додатоци”, од оние што кај нас чинат по 20 денари плус. Значи нијанса „пеперони”, нијанса „екстра кашкавал” и такви работи. Многу јако.

Брендот е „Гламлајт”, палетата е 40 долари, ама сега е распродадена.

И пакетот од надвор изгледа топ, дали е формулата добра?

Тоа проверува Џефри Стар, таман да видите како изгледа.

Спојлер: многу, многу добри сенки.

Се нарачува преку сајтот на Гламлајт и со испорака е вкупно 54 долари. Моментално нема, ама има pre-order. Пробајте, па кажете.

18 декември 2018 - 10:26