Вештачкиот снег од филмот „Волшебникот од Оз“ бил 100% чист азбест, иако од неколку години претходно се знаело колку е опасен по здравјето. Џуди Гарланд имала 16 години кога почнало снимањето, а таму ја избегнувале Плашилото, Лимениот човек и Лавот затоа што ѝ биле љубоморни. Единствена на нејзина страна била Маргарет Хамилтон, Лошата вештерка од запад.
Гарланд ја ставиле и на строга диета составена од пилешка супа, кафе и 80 цигари дневно. Добивала и таблети за да не спие. Во подоцните тинејџерски години станала зависна од амфетамини, а на 19 колабирала од исцрпеност - наместо да ѝ дозволат да се одмори, лекарите ѝ препишале уште амфетамини.
На актерката Маргарет Хамилтон ѝ ставале исклучително токсична шминка со високо ниво на бакар. Актерот Бади Ебсен ја добил улогата на Лимениот човек, но неколку дена после почетокот на снимањето се разбудил во агонија и болки во рацете и нозете. Го однеле во болница со потешкотии со дишењето и останал на кислород две недели - сѐ заради шминката во која имало алуминиум, а бил алергичен. Го замениле, а новиот добил инфекција на окото. На Реј Болџер - Плашилото му останале лузни на лицето од гумената протетична маска што ја носел за ликот.
Од МГМ одлучиле да ангажираат луѓе со џуџест раст за Манчкините. Им биле потребни 350 изведувачи и обврската да ги најде му ја доделиле на човек со име Лео Сингер, роден во Германија како барон Леополд Ван Сингер. Собрал трупа џуџиња што настапувале по водвиљи низ цела Европа, а некои од нив и ги купил од родителите што сакале да се отарасат од нив. До 1938 имал собрано 100-тина и толку многу провизија им земал, што на крај останале со хонорар помал од на кучето Тото.
И на крај, костимот на Берт Лар - Лавот е направен од кожа и крзно на вистински лав. Во 2014 се продаде за 3 милиони долари.