Москино: Sиркање во сезоната што доаѓа

Скокаме до есен/зима - 2021/22 преку колекцијата на Москино, претставена како архаично видео од ‘50-те, сосе снимката и пристапот. 

Во сетап налик на оние клипови што сме ги имале како туторијалот за шминка од ‘69-та (или другиот од пред 70 години), Дита фон Тиз, Вини Харлоу и други забележливи дами од поп-културата прво пијат чај, па се сместуваат за да им се посака добредојде на театрално Москино-доживување и внесување во сезоната што следи.

Колекцијата е толку безобразно добра, што просто дава надеж за иднината - дека нема да трае пандемијата и дека можеме вакви парчиња да облечеме и да ги прошетаме по град. Со солзи во очите ќе се потсетиме на уличната мода што веќе фали и ќе се увериме уште еднаш дека Москино ич - ама ич не се заебава кога се работи за ин-јор-фејс фешн, а притоа да не мора да се потпира на бизарности и ради-реда изживувања како Баленсијага.

Бујрум, земете си кафе (или што ви прави ќеиф) и ѕирнете:

28 април 2021 - 00:00