Позајмено интервју:

Морган Фримен: Ако жена ти вика дека си лажго, значи лажго си

„Типот ми пријде и ми рече, знам дека сакаш да бидеш инкогнито, но те препознавам, Семјуел Л. Џексон. Му реков, не, не сум тој. Тој рече, лажеш, но те разбирам. Сем има иста ваква приказна. “

Г-не Фримен, дали сте уморни од работење цело време?
Не копам тунели, не градам згради. Работата не ми е тешка, освежувачка е, пријатна. Колку повеќе ја има, толку подобро. Лежењето без работа уназадува.

Долго време е поминато откако сте биле невработен… Паметите ли кога последен пат сте барале работа?
Имав многу лоши работни места, но мислам дека најлошо беше кога работев во локал за храна. Пред тоа работев во канцеларија како службеник. Сакав повеќе пари, но ме одбија. После тоа бев на аудиција за една претстава како танчер, ја добив работата и веднаш дадов отказ. Лошото е што таа работа ми траеше три месеци и претставата се откажа. Па, најдов работа на едно место што продаваше кафе и крофни.

Тоа и не звучи така лошо…
Е па, една вечер влезе еден што работеше со мене на претставата. Пробав да се сокријам зад пултот, но ме виде и ме праша што барам таму. Откако му признав дека сум невработен актер во моментот, тој ми кажа дека во моментот оди на некоја нова претстава каде што игра. Тоа ми беше ужасен момент.

Би рекле дека сте имале повеќе среќни денови во животот, или повеќе несреќни?
Повеќе среќни. Почнав да работам кога имав 30 години и уште работам, така што, повеќе среќни.

Што е најдоброто нешто што некој го направил за Вас?
Мислам дека најдобро нешто што некој го направил за мене е мајка ми што ги отворила нозете и ме извадила надвор.

А најлошото?
Најлошото уште не се случило.

Тоа звучи баш позитивно.
Правам големи напори затоа што понекогаш животот не е баш за уживање. Понекогаш боли, понекогаш е стресен, понекогаш е и агонија дури, па мислам дека кога ќе ги надминеш тие работи, треба да се стремиш кон задоволство и мир.

Сериозно сте толку зен приватно како што сте на филм?
Јас сум нај-зен тип.

Не Ве нервира понекогаш кога ве мешаат со Семјуел Л. Џексон? Слушам дека често се случува тоа.
Да, Сем Џексон. Постојано ни се случува тоа со Сем.

Ги исправате луѓето?
Бев во Далас еднаш и чекав да сменам авион и ми пријде еден тип. Носев капа и очила за сонце - не дека се криев од некој, туку едноставно - се облекуваш како што се облекуваш. Типот ми пријде и ми рече, „Знам дека сакаш да бидеш инкогнито, но те препознавам, Семјуел Л. Џексон.“ Му реков, „Не, не сум тој.“ Тој рече, „Лажеш, но те разбирам.“ Сем има иста ваква приказна. Луѓето му довикуваат, „Еј, Морган.“ Затоа Сем излегува на сцена и прво кажува „Не сум Морган Фримен“.

Се дружите?
Па, го знам Сем Џексон уште од ’80-те, кога работевме во театар во Њујорк, и тоа ми е пријателство што го негувам многу години. Но, како другари не сме излегувале заедно. Јас живеам во Мисисипи, Сем живее во Лос Анџелес. Не сакам да живеам на такво место.

Зошто се преселивте назад во Мисисипи?
Живеев во Њујорк речиси 30 години. На крај почнав да викам „вадете ме од овде.“ Сфатив еден ден дека живеам на трет кат, во стан што нема природна светлина. Не ги познавав луѓето што живеат од карши. Тоа ништо не ми значи.

Имате повеќе приватност таму?
Живеам во мало гратче, можам да пазарам таму, но не можам да одам на места каде што има гужва, како Волмарт, Таргет, такви места. Не е можно да купиш паста и кафе без од тоа да се направи настан. Еден од недостатоците на јавниот живот е што немаш приватност. Берувајте ми, не знаете колку треба да си ја цените приватноста додека не ја изгубите.

Ви пречат луѓето?
Да, само нешто бараат. „Мајка ми, жена ми, маж ми нема да ми верува дека сум те сретнала. Мора да го потпишеш ова!“

И, потпишувате?
Не. Ако жена ти вика дека си лажго, значи лажго си, нели?

Последно прашање: Обетките ги носите за забава, или имаат некаква цел?
Да, обеткиве се доволни за да се купи ковчег ако умрам на чудно место. Затоа и ги носеле морнарите порано.

-The Talks

24 февруари 2021 - 00:00