Обвинувачите со тек на време стануваат и обвинети, па доаѓа до крајот на Теророт со егзекуцијата на Робеспјер и француското општество конечно може да се врати во нормала.
Да речеме.
Една од најнеобичните приказни што доаѓаат од пост-револуционерна Франција е за bals des victimes, или балови на жртвите. Се појавила необична суб-култура на балови како што аристократите сираци почнувале да си ги враќаат конфискуваните богатства. Собирите ги организирале роднини на погубените на гилотина и само тие што имале егзегутиран близок роднина или самите едвај избегнале гилотина смееле да влезат. Најпосакуваната покана во доцните 1790-ти во Париз доаѓала со сопствен сет манири и гардероба.
За да се влезе, наместо грациозно да се поклонат на домаќинот, гостите поздравувале à la victime, односно нагло спуштање на главата надолу во имитација на обезглавување.
Дрес-кодот бил исто така радикален. Жените носеле црвени чокери околу вратот, во симбол на тоа каде би поминало сечилото, или црвени шалови. Носеле и тенки фустани што личеле на ноќници, во имитација на кошулите на затворениците.
Баловите донеле уште еден моден детаљ: тренд за нова и кратка фризура, позната како à la Titus, или à la victime - кај младите жени станало тренд да се шишаат драстично пократко, разголувајќи ги вратовите и имитирајќи го изгледот на затворениците непосредно пред да умрат: кога некој бил осуден на обезглавување, го шишале кратко за сечилото да може да им ја отстрани главата без додатни проблеми.
Потоа, се појавуваат уште две суб-култури во Париз, познати како Incroyables и Merveilleuses и на јавни настани облекувале скандалозни грчко-римски фустани што потсетувале на долната облека до која биле соблечени нивните роднини кога биле затворени.
Се откажале и од чевли, па илустрации од тоа време покажуваат дека жените знаеле во јавност да излезат и боси, како жртвите кога се движеле кон гилотината. Овие претерувања во стилот им биле катарзични и им овозможувале да се поврзат со други преживеани од „Владеењето на теророт“, но и да се издвојат од „крвопиите“ на револуцијата.
Последната егзекуција на гилотина во Франција е во 1977, а владата скроз ја забранува (дури) во 1981.