Во филмот May December, Портман ја игра Елизабет Бери, актерка која употребува метод-глума - техника каде што актерите ја преземаат психологијата на нивниот лик со комплетно внесување во животот и умот на улогата што ја играат - за да игра жена со контроверзно минато.
Во интервју со Вол Стрит Журнал, Портман објаснува зошто таа никогаш не го пробала методот.
„Сум влегувала длабоко во улоги, но мислам дека ова е луксуз што жените не можат да си го дозволат.
Не мислам дека децата, или партнерите ќе имаат многу разбирање, на пример, да ги терам да ме викаат Џеки Кенеди цело време.“
Сепак, не е дека се нема жртвувано за улога - симна 10 кила, јадеше мизерно и рестриктивно и тренираше секој ден за да стане балерина во „Црниот лебед“.
А не е прва што не поднесува метод-глума - во 2021, Мерил Стрип кажа дека била во депресија кога се однесувала како Миранда Присли за „Ѓаволот носи Прада.“
„Беше ужасно! Седев мизерна во мојата приколка и ги слушав како уживаат и се смеат,“ има изјавено за Ентертејнмент Викли. „Бев во депресија и си реков, тоа е цената што ја плаќаш за да бидеш шефица. Тоа беше последен пат да пробам метод-глума.“
Слично се чувствувала и Шарлиз Терон, која ја има пробано техниката за „Адвокатот на ѓаволот“.
„Сфатив на тој филм дека тоа не е процес што ми одговара. Имаше нешто многу истоштувачко во тоа. Животот ми беше мизерен. Не бев среќна.“