Машкото апче за контрацепција: До кај сме?

Одамна се ветува. Цело време е „еве го кај и да е“, или „за две години го имаме“. Кај е?

 

Уште во ’70-те почнало да се работи на оваа „фантазија“. Пред некои 40 години, група научници во Индија создала инекција за контрацепција кај мажи - се вбризгувала во тубите што пренесуваат сперма од тестисите до ејакулаторните канали пред „моментот на вистината“. Иако безбедноста на оваа инекција била доведена во прашање, RISUG е евтина, реверзибилна и многу ефикасна. Сепак, без разлика на меѓунардониот интерес што трае уште откако е креирана, има минимален прогрес во однос на нејзиното конечно ставање на пазарот.

Постојат и други интересни проекти за машки контрацептиви кои се во процес. Во март, 2019, едно клиничко истражување објавило успешни резултати во првата фаза и тоа во однос на безбедноста и толерабилноста на машкото апче за контрацепција. Познато е како 11-бета-МНТДЦ, содржи модифицирана форма на тестостерон што намалува продукција на сперма, а го одржува либидото.

Сепак, една од главните пречки за конечно добивање на машки хормонски контрацептиви е креирање на безбедна и сигурна орална форма на тестостерон или негова замена. Тестостеронот многу брзо се разложува во џигерот - толку брзо што мажите би морале да земаат доза по неколку пати на ден.

„Некои од тие што ги имаме до сега предизвикуваат оштетување на џигерот, па до сега не сме добиле безбедна, орална верзија на тестостерон. Без тоа, не можеме да направиме апче,“ вели Др. Дајана Блит, програмски шеф на Програмот за развој на контрацепција, за ИФЛСајенс.

За да се надмине оваа пречка, детално се разгледува идејата за контацептивен гел за кожа. Гелот содржи две главни компоненти, од кои една е прогестинското соединение сегестерон ацетат. Кај жените, ако имаат високи дози на прогестин, телото мисли дека е трудно и не создава нов фоликул за следната овулација. Кај мажите, високото ниво на прогестерон го тера телото да мисли дека произведува доволно сперма и тоа автоматски престанува.

Она што пречи е што ова истовремено ги намалува нивоата на тестостерон во крвта, па гелот содржи и серум кои ги враќа во нормала. Ова значи дека нивото на тестостерон ќе остане доволно високо за телото да функционира нормално, и нагонот за секс останува непроменет. Треба само да се намачка гелот на рамената секое утро и функционира многу слично на женското апче за контрацепција.

„Многу е слично. Мислам дека луѓето не размислуваат вака, затоа што жените прават едно единствено јајце месечно и им треба време, но, мажите создаваат 1000 сперматозоиди по отчукување на срцето,“ објаснува Др. Блит. „И мажите сакаат да користат контрацептиви. Всушност, во моментов, мажите претставуваат 28 проценти од луѓето што употребуваат контрацепција, без разлика дали се работи за васектомија или кондоми - и ниедно од овие решенија не е идеално. Изразуваат желба да имаат повеќе опции.“

За гелот е започната втора фаза на истражување во октомври 2018 и вклучува парови што ја тестираат ефикасноста, користејќи го како примарен начин на контрацепција цела година. Сепак, ќе помине долго време пред гелот да биде достапен во аптеки поради едноставна причина - научните истражувања бараат многу време. Според авторитетите кои се бават со оваа проблематика, се гледа крајот на тунелот, но не без да поминат десетина години.

Една професорка на Олден Марч институтот за биоетика, Лиса Кампо-Енгелстин има напишано:

„Накратко, ни треба и промена во технологијата - при развој на долготрајни, реверзибилни контрацептиви за мажи - и промена во идеологијата - верувањето дека и мажите и жените треба да бидат одговорни за контрацепција. На овој начин ќе постигнеме правична контрацептивна ситуација.“

27 јануари 2021 - 14:49