Бидејќи и оваа година не успеа да ни ги исполни очекувањата, излегува дека сме сè уште во нешто што стана познато како flop era, или - пропаднатата ера.
Концептот прв пат се појавува на Твитер и се користеше за да се опише момент кај (главно женски) поп-ѕвезди што ќе извадат албум што пропаднал или не бил според очекувањата. Таков случај беше со Глитер на Мараја Кери, саундтракот на нејзиниот филм што неславно го пуштија на 9/11, а „флоп“ беше и Џоен на Гага и Витнес на Кети Пери.
Имаше и друг тип на „пропаѓање“, како вториот албум на Били Ајлиш, што го изругаа фановите на Оливија Родриго и Тејлор Свифт како пропаднат, без разлика што помина три недели на прво место во Америка.
Кога терминот не се користи како оружје на Твитер за да се влечат уметниците по кал, комично се врти кон индивидуално користење - луѓето на интернет можат да објаснат секакви работи, од смешен твит до лошо селфи - со флоп. Оваа година се оди и чекор понатаму, со објавување дека и ние, како и големите ѕвезди си влеговме во сопствените пропаднати ери. Дали е стагнација во кариера или чувството дека не се баш најспремни физички или психички, на луѓето им станува нормално да си прифатат дека „не се баш најбоље во моментов“.
И има позитивно во ова за генерацијата воспитана од „Ѓаволот носи Прада“, што пораснаа на хипер-продуктивност, барајќи тезги за дополнителна заработувачка. Ова е се разбира стереотип, ама не е далеку од вистината кога ќе се каже дека многу миленијалци имаат нездрав став кон работата.
Да се прифати дека „во моментов си пропаднат“ е отфрлање на овие тирански очекувања. Прифаќање на реалноста дека, сепак, не можеме и не треба да се трудиме да постигнеме баш сè, и без разлика што навидум луѓето се омаловажуваат себеси, објавување дека си во „флоп ера“ е сепак комбинација на бивање пољубезен со себеси и помалку секирации за надворешниот притисок. Актерката Џамила Џамил ова фино го срочи на Твитер:
„Дали на некој друг му е олеснето што не мора веќе да исполнува очекувања? Мислам дека ми доаѓа добро за здравје/ум/кожа/коса/его/перспектива/кариера. Правиш попаметни избори кога се потчинуваш на сопственото ‘пропаѓање’ и тераш.“
Во текст за Вајс, Џорџ Грифитс ги опишува добрите и лошите страни на „воодушевувањето“ од неуспех. За ова да биде позитивна работа, треба да веруваш дека, без разлика што сега си пропаднат - успехот и одобрувањето се веднаш зад аголот. Вака фановите се однесуваат и со поп-ѕвезди и фудбалери, па оваа година, самопрогласените пропаѓања се начин да си покажеме дека можеме да си бидеме посветени фанови и на самите себе.
И да, 2021 можеби е пропадната година. Но, со прифаќањето на сопствените неуспешности, учиме да стануваме свои најлојални фанови - и да се држиме за надежта дека следната ера ќе ни биде подобра.