ТикТок не е само за глупости - неодамна, една мајка со профил на мрежата, Кејси Лакорт, сподели нешто за воспитување деца на важни теми - и клипот има над 2 милиони прегледи. Во него, објаснува зошто ги воспитува нејзините пет ќерки со ставот дека не постои невиност.
„Тоа е патријархален концепт што се користи да се контролираат жените и нема никаква цел - освен жените да се чувствуваат лошо или виновно. Само затоа што некојси тип случајно ќе го бутне пенисот во тебе во одреден момент во твојот живот не значи ништо освен дека едноставно - се случило и толку. Сексот е важен. Голема работа е. Секогаш треба да биде голема работа. Нема врска со твојот прв пат… Глупаво е. Целиот концепт е глупав,“ вели таа.
Додава и дека често ѝ мрчат други мајки и коментираат дека тоа може да ѝ ги направи ќерките промискуитетни, но не се согласува.
„Не, ги воспитувам да бидат добри и стабилни луѓе и да бираат и да носат паметни, интелигентни одлуки - и тоа не само затоа што некоја книга така вика.“
Се согласуваат многу луѓе, особено во контекст на овој став и жртвите на сексуален напад.
„Сите имаме приказна за силување/напад/притисок да направиме нешто што не сме сакале. Сите можеме да сочувствуваме. Цело општество ти кажува дека вредноста ти е врзана со невиност и чистота и после некој тоа ти го одзема? Ме избезумува тоа и ме тера да скршам нешто. Толку сме лути поради ова и ако може барем една жртва да се почувствува подобро во врска со себе, тогаш веќе сум успеала,“ изјавува во разговор со Базфид.
Вели дека пораката не се однесува само на невиноста. „Се работи за тоа како им наметнуваме двојни аршини на децата и ја пропуштаме големата слика. Наместо ова, можеме да се фокусираме на едукација за бременост, полово преносливи болести, вредност за себе.“
Што се однесува до учење на децата на тема секс, вели дека не треба да се чека за оној „важен разговор“. Наместо тоа, води еден куп мали разговори додека растат. Се почнува од мали, со фокус на телесна автономија - да не мораш да гушнеш некого ако не сакаш или да не мораш да дозволиш роднина да те бакне. Да бидеш сигурен дека ги разбираат техничките имиња на делови од нивните тела. Да знааат дека е во ред да направиш сцена, ако си под закана или исплашен, наспроти тоа да ги учиш дека треба да бидат тивки и да не прават драма ако се случува нешто што не им се допаѓа. И како што растат, да им објаснуваш за различните типови на љубов и семејства.
„Деконстурирам родови норми - машките можат да носат розево или шминка ако сакаат. Гледам да биде едноставно - кога ќе постават прашање за трансродови лица, им објаснувам. Ги учам како да бидат добри партнери, ги учам за согласност, за кажување не, за почитување туѓи граници, здрави и нездрави форми на љубов, како изгледа некој да те контролира.“
Што доколку би имала синови? На ова Кејси вели дека не би се однесувала никако поинаку. Вели дека мора да се бориме против токсичната машкост, што е крајно тешко, но според нејзе, културата на чистост е суштински токсична. Жените ги третираат многу поинаку од мажите затоа што коренот лежи во историјата на третирање на жените како имот. Замислете како би изгледал светот ако општеството се потруди да го направи светот побезбедно место за жени, наместо да се грижи дали ќе бидат девици за нивните идни сопрузи?
Објаснува и како со време почнала сѐ повеќе да се фрустрира за тоа како светот ги гледа и ги третира жените, што веројатно дополнително те обзема кога дома имаш 5 девојчиња од 7 до 16 години за воспитување.
„Мора да почнеме од начинот на кој се гледаме себеси, како жени и како луѓе. Ова размислување ми влијае на воспитувањето на моите девојчиња секој ден, не само за време на разговори за секс. Ако тоа што нема да се мразиш себеси затоа што не си девица може да ти го подобри мислењето за себе и сопствената вредност, замислете што ќе се случи ако ја користиш таа логика за сѐ во животот.“
И за крај вели,
„Ако луѓето не се согласуваат со мене или мислат дека грешам, нека продолжат да го прават она што родителите го правеле стотици години наназад и нека очекуваат работите некако да се подобрат. Не е моја работа да им го сменам мислењето. Сакам да се фокусирам на луѓето што би ме ислушале и да пробам поинаку да ги решам работите. А оние што се заинтригирани, држете го умот отворен. Поставувајте прашања. Размислувајте пред да кажете нешто или да судите, и бидете човекот кому децата ќе сакаат да му се обратат кога ќе им треба помош или совет. Само внимавајте да им зборувате прикладно за возраста и нека биде едноставно - дури и смешно. Моите ќерки пораснаа слушајќи ме како беснеам (со хумор, се разбира, ништо страшно) за патријархатот и начинот на кои жените се прикажани во филмови и серии. Ова не се решава од еден разговор, туку е општ пристап на дискутирање на работите со нашите деца.“