Мојот роден град
Ми текнува дека има и други градови. И толку интензивно ми текнува, што на интервали ќе си речам, „Добро, ако е Њујорк ваков, ќе живеам на друго место.“ И живеам, тоа е чудното. Но, потоа, еден ден ќе ми дојде јасна слика од Њујорк во најдобро издание, на блескав сино-бел есенски ден, со зградите дијагонално исечени на половини од светлост и сенка, со правите, средени авении обоени со забрзани редици луѓе, како конфети на ветер. Некој, и би сакала тоа да бев јас, има речено дека „Есента е пролет на големите градови.“ Го гледам Њујорк за време на празници, секогаш доцна попладне, под небо како кај Максфилд Париш, со гужви уште побрзи и понервозни, но уште подобронамерни, темни групи испрскани со белината на божиќните пакети, со осветлените продавници украсени со имела кои ги канат да купуваат уште и уште. Го гледам во пролетно утро, со алиштата на жените меки и надежни како убавите лисја на неколку храбри дрвја. Го гледам навечер со спуштените неба, црвени од светилките на Бродвеј, тие светла за кои Честертон - или ми кажаа дека е Честертон - рекол, „Каква чудесна глетка за тие што не знаат да читаат!“ Го гледам на дожд, го мирисам маѓепсувачкиот мирис на мокар асфалт, со празните улици црни и блескави како зрели маслинки. Го гледам - досега веќе сум очајно носталгична - дури и со сиви купишта снег, и малите планини мраз по тротоарите. И се враќам. И секогаш е подобар отколку што мислам дека ќе биде.
Веројатно таква е работата со Њујорк. Секогаш е малку повеќе отколку што си се надевал дека ќе биде. Секој ден, таму, е толку дефинитивно нов ден. „Сега почнуваме одново,“ како да вели секое утро, „и ајде, да побрзаме.“
Лондон е задоволен, Париз е резигниран, но Њујорк секогаш се надева. Секогаш верува дека нешто добро ќе се појави, и мора да побрза за да го сретне. Има возбуда што секогаш му ги движи улиците. Секој ден, кога ќе излезеш, го чувствуваш тоа нервозно потресување кое го имаш секогаш кога ќе седнеш во театар, токму пред да се крене завесата. Други места можеби ќе ти дадат слатко и утешително чувство на баланс; но во Њујорк секогаш го има тоа чувство на „Нешто ќе се случи.“ Не е мир. Но, знаете, на мир се навикнуваш, и тоа многу брзо. А никогаш не можеш да се навикнеш на Њујорк.