Во 2018-та, додека гледаме како границите на пол, сексуалност и себеизразување се сè позамаглени, па ако не и скроз избришани, маж со целосно нашминкано лице и не е некој новитет. Сепак, иако мажи со совршено контурирани лица и внимание за формула на кармин се недамнешна појава, излегува дека на совршениот cat-eye го вежбаат во последните четири милениуми.
Најмалку.
Очни капаци со дебела рамка од кол прв пат гледаме во Стар Египет и Месопотамија - уште во 2200 година п.н.е. Прашокот што го користеле бил изработен од јаглен и вода и цртале издолжено „мачкино око” за да се добие ефект на издолжена форма на очите. Фараоните го правеле за да покажат моќ и позиција. Трендот продолжил и во 330-та година п.н.е, кога Александар Македонски си ставал јаглен околу очите за да избрка муви.
Всушност, дури во средината на 19-тиот век шминката почнала да се смета за нешто што смее да го користи само едниот пол. Кралицата Викторија ја прогласила употребата на козметика и шминка за вулгарна и некултурна. Како резултат на тоа, излегло дека само курви треба да носат шминка. Односно, со еден исклучок: актери, мажи. Тие продолжиле да носат шминка на сцена, особено поради фактот што често биле облечени како жени за да ги играат и женските улоги, или морале да ги истакнат карактеристиките на лицето за и тие во последните редови да можат да разберат поубаво. Оваа традиција се пренесува на филмско платно, каде што најголемите ѕвезди на немиот филм како Чарли Чаплин и Рудолф Валентино го користат овој трик за да привлечат внимание на нивните експресивни очи.
Иако изгледот излегува од мода откако доаѓаат звучните филмови, се враќа назад во ’50-тите, со Литл Ричард и Џејмс Браун, кои ставаат јасна црна линија на долниот капак, во комбинација со костуми по мерка. И наскоро ги следи и Елвис, кој додава гајлајнер на целата негова појава и со тоа го цементира неговиот статус на секс-симбол.
Веќе до ’70-ти, рок-иконите со шминката се однесуваат како со оружје, предизвикувајќи ја публиката да се прашува за нивната машкост или да ги викаат феминизирани. Овие дечки не само што носат шминка, туку ја носат гордо и истовремено се најголемите секс-симболи на 20-тиот век, не „и покрај тоа” туку баш заради тоа. Дејвид Боуви, Мик Џегер, Кит Ричардс, Стивен Тајлер, Принц и други никогаш немаат видено црн молив, црвен кармин или светкава сенка што не им се свиѓала.
Во ’80-ти веќе се гледа како пристапот на машките музичари кон убавината го воведува светот во разноликоста, делејќи ја шминката на луѓе во две категории: такви што тежнееја кон женственост и деликатност, како Бој Џорџ и Роберт Смит, наспроти тие што темниот молив за очи го користеа како изјава за мачоизам и грубост, како Мотли Кру и Поизон.
Во ’90-ти, Курт Кобејн го ажурираше трендот со размчкување - неговото смоуки како симбол сепак се совпаѓаше со легендите од ’70-ти, со кои заедничко му беше што редефинираше како треба да изгледа една машка рок-ѕвезда.
До крај на ’90-ти, и почеток на 2000-ти, машката шминка ја презема поп-панкот и емо-културата. Гајлајнерот во мода и мејнстрим го враќа Били Џо Армстронг од Грин Деј, а неговото име станува синоним со стилот што Кет Вон Д го појави како производ во јануари. Во исто време тука е Брендон Флауерс од Д Килерс и Пит Венц од Фол Аут Бој. Актери со имиџ на „лоши дечки” како Џони Деп, после „Пиратите од Карибите” и Џаред Лето одамна веќе ги шминкаат очите.
Тоа нè носи до денес, кога гајлајнерот е само еден детаљ од плејадата опции за легитимна шминка што мажите ја имаат на располагање. Како расте популарноста на емисиите на Ру Пол, и додека новата генерација се закачува за термини како пансексуалност, шминката станува составен дел од нашето секојдневие. А козметичките брендови, од Том Форд до Клиник ги следат трендовите, со барање начини да ги рекламираат производите до новата демографија составена од мажи, кои сакаат да ги истакнат или да ги сокријат цртите на лицето.
Добрите вести се што, без разлика дали сте по Мени Гутјерез или Кал Дрого, гајлајнер има за секого.