Нов тренд за веѓи: Избелување

„Ако некогаш сте имале желба сами да си ги скратите шишките, но ве спречил стравот дека веднаш ќе зажалите, тогаш сигурно ќе ме разберете кога зборувам за внатрешната борба што ја чувствувам со новиот тренд на избелени веѓи,“ вели новинарката Челзи Канделарио во својата колумна за PureWow.

Не е изненадување што овој тренд повторно се појавува. Есента секогаш носи потемни, поостри, мистични изгледи - сепак е spooky season. Најверојатно за сè е виновна Џена Ортега - ги покажа своите избелени веѓи во прес-турнејата за Wednesday и контрастот темна коса, светла кожа и едвај видливи веѓи не помина незабележано. Напротив, беше мистично и комплетно во рамки на брендот што го промовираше. 

Според Стенли Нолан, козметолог и едукатор од Ogle School, ваквите трендови не случајно се враќаат:

„Луѓето се оддалечуваат од предвидливата ‘clean girl’ естетика. Се бараат изгледи што се посмели, покреативни, нешто што вели ‘ова сум јас’. Избелените веѓи го имаат тој момент на изненадување - покажуваат самодоверба, експресивност и индивидуалност.“

Според него, може да се прилагодат кон секој стил - без разлика дали сакате мек, етеричен изглед или висок моден момент.

И не е само за Gen Z. Миленијалците исто така експериментираат, а и неколку имиња од генерацијата Икс, како Мишел Јео и Џенет Џексон, се појавија со избелени веѓи. Возраста очигледно не е фактор во оваа приказна.

Но колку е безбедно навистина да ги избелите веѓите? Во суштина, процесот е сличен на нијансирање на веѓи - безбеден е ако се прави како што треба. Најдобро е тоа да го направи козметичар или фризер во салон, но може и дома, со голема претпазливост, бидејќи сепак работите во близина на очите. Единствениот проблем е одржувањето. Како и бојадисаната коса, и избелените веѓи бараат редовни корекции, обично на секои три недели. Пречестото белење може да предизвика кршливи влакна, иритација и забавен раст. „Влакната на веѓите се почувствителни од оние на главата,“ вели Нолан. „Ако се претера, може да настане трајна штета.“

За оние кои сепак сакаат да го пробаат, процесот е јасен: се нанесува вазелин околу веѓите за заштита, потоа се распоредува белилото рамномерно со четка, се покрива со пластика за да не се исуши и се чека околу десет минути пред проверка. Ако резултатот не е доволно светол, може да се повтори - но без претерување. На крај, се плакне и се користи виолетов шампон за да се избегне жолтеникав тон.

„Сепак, дали би го направила тоа? Веројатно не,“ дообјаснува Канделарио. „Не сум подготвена на постојано белење секои неколку недели. И, искрено, знам дека би зажалила веднаш по првата постапка. Но, искушението е реално. За среќа, постои поблага верзија: играње со шминка.“

Ако веѓите ви се природно посветли, доволно е малку гел или маскара во посветла нијанса. За потемни веѓи, трикот е комбинација од коректор, проѕирен гел и четка - не изгледа лошо. Не е толку природно како вистинско белење, но го постигнува ефектот на нешто поинакво. Ефектот се појачува со темен кармин и темна сенка за очи.

А еве, на кој му е страв:

8 октомври 2025 - 15:37