Ајде конечно да се објасниме што значи пансексуалност

До скоро имавме само хетеро, хомо и би. После се појавија дополнителни потреби. И за сите потреби постои - пан. Нормалните луѓе што живеат по „live and let live” филозофија, многу би сакале да ги поддржат пансексуалците, само уште да разберат што значи тоа.

Пејачката и актерка Џанел Монае минатата недела, меѓу објавите за новиот албум, пред Ролинг Стоун се отвори и за нејзината сексуалност, која ја стави под категории квир и пансексуалност.

„Сум била во врски и со мажи и со жени и се сметам себеси за слободна,” вели таа. „Но подоцна прочитав за пансексуалноста и си помислив, ‘О, па јас и со ова се идентификувам”.

Злите јазици би рекле дека за оваа идентификација постои многу поедноставен термин, во кумановско, а од таму и на цела територија познат како „батко Ѓорѓија”, но сепак, ајде да се дообјасниме.

Во интервјуто, таа кажува дека во нејзините 32 години, се идентификувала и како бисексуалка, но терминот „пансексуалка” многу повеќе ѝ одговара. Овој термин опфаќа привлечност кон било кој пол, па дури и без разлика на пол - како начин да се објасни сексуалноста неограничено на полот и родот.

Интернетот е сè уште збунет. Монае не е прва што го употребува, се разбира, дефиницијата одамна хара по Тамблр, а во 2016-та и на Мајли Сајрус ѝ се бендиса, заради идејата дека „не си тотално машко или женско”. Сајрус рече дека првата врска ѝ била со девојка, но „бисексуалка” не ѝ одговарало како термин; бил премногу ограничувачки.

„Pansexual” го исклучува бинарниот поглед на полот, поддржувајќи го меракот по идејата дека можеби има повеќе од два пола. А со секоја идентификација, се појавуваат и борци за права, па така, додека светот уште запишува што каде оди, веќе има луѓе кои се навредени што ги прашуваш „нели е тоа исто со бисексуалност?”

Бонус информации:

Родова флуидност е за луѓе што сметаат дека не се фиксно машки или женски, туку дека тоа може да мутира.

Демисексуалност е за луѓе кои само понекогаш чувствуваат сексуална привлечност, обично кога има некаков романтичен елемент.

Прашување (Questioning) е кога уште си „ни ваму ни таму” и малку „не ти е јасно”. Или, како што Монае го објаснува, „Отвореност кон тоа кој сум”.

Што и да ви е дефиницијата, ако ви прави мерак - ако.

30 април 2018 - 11:04