Неделна доза ентериер:

Кошмарни одлуки што треба да се избегнуваат при реновирање

Нешта што ви се чинат одлични и ќе ве изнамачат на долги патеки.

Реновирате? Ви се чини модерно да имате кујнски елементи без рачки?

Тоа сѐ така мазно и фино изгледа, додека не се појави кошмарот наречен отпечатоци од прсти и флеки затоа што мора цело време да притискате за да се отворат.

И не, нема да најдете начин да ги отварате со сите други делови од телото - и тоа е ропство.

Исто така, на филм изгледа прејако кога кујната им е така малку рурална, старинска, па камења или цигли на ѕид, околу шпорет…

Не.

Секаков ѕид во кујна што вклучува многу фуги, нерамнини, дупчиња е на господ бељата кога прска храната што се готви.

Додека сме кај кујната, и комплициран, деликатен лустер со 700 детаљчиња на него не е за таму. Во кујна има повеќе пареа и маснотии, па тешко вас кога ќе дојде ред за чистење, ако ќе дојде многу побрзо отколку што мислите.

А кога сме кај лустери, избегнувајте и лустери со чашки свртени нагоре. Може да ви изгледаат убаво од непознати причини, ама веројатно ви е јасно дека тоа сака качување на скала (или одглавување, па симнување) и пафтање убаво насобрана прашина на дното.

Кваки со остри рабови - не само заради мавање во нив кога сте наведнати во близина, туку и за закачување на облека, па заглавување, па сопнување и секакви други непријатности што доаѓаат со тоа.

Назад на кујна - горни кујнски елементи со пневматски врати се ѓаволот, прашајте ги луѓето што имаат. Личи практично и скриено, ама ако имате ниски луѓе по дома ќе мора да бидете на повик за да им ја симнете вратата од горе.

Една од поистакнатите демонски направи за во бањата е лавабо како длабока чинија, па уште и стаклено. Од сликава се гледа колку брзо ќе му треба истурање оцет или средство против бигор што неизбежно ќе ја упропасти чешмата. Да, топ изгледа, гостите ќе викаат „wow“, и после ќе ви помине животот во чистење капки во и околу него затоа што не собира многу вода.

Пак сме кај кујната - оние светленца најгоре на елементот, па божем да светат надолу и да прават атмосфера - не. Ти светат на глава, а никако не вршат работа додека работиш.

И ако малку сте забушиле со бришење прашина - ете ја, осветлена.

И општо, премногу светли бои во просторија каде што поминувате најмногу време, или просторија што се наметнува на целиот простор (како кујна). Без разлика што може да ви е тоа омилена боја (или комбинација на бои) и мислите дека нема да се уморите од тоа - ќе се уморите. Ќе здосади. Неутрални или темни бои се попрепорачливи, а дречавото постигнете го со детали што полесно се менуваат.

29 март 2021 - 14:37