Што фино зазвуче ова.
Како и да е, изразот „преживување” стана неминовен. Со сезони веќе, модните работници добиваат ПР пакетчиња за преживување на страшната модна недела, со фластери, води, пенкалца и слично.
А како што резонира Хилари Џорџ-Паркин, писателка за Вајс и особа изреволтирана од сето ова, во време кога Трамп е претседател, кога урагани пустошат по Америка, а Северна Кореја игра „Сакате ли војна”, да се користи терминот „преживување” во било кој контекст освен буквалниот е невкусно, во најмала рака.
А сепак, од друга страна јасно е искушението да се каже така. За уредници, модели, дизајнери, ПР-и и координатори на настани – односно сите вклучени во модната недела – ова време од годината е закана за менталното здравје, буџетот (као, 500 долари за убер, на куп, особено ако си фриленсер, уличен фотограф, па да не правиме муабет и за хотелите и авионските карти), ноќниот сон и емотивниот еквилибриум – дури и физичката безбедност. Зелда Каплан умре на ревија пред неколку години, ама тоа не е до толку аргумент, со оглед на тоа што имаше 95 години.
За време на модниот месец, еден уредник или купувач може да има до десет ревии и пет состаноци дневно и тоа 30 дена по ред, без слободни денови и викенди, истовремено подготвувајќи извештаи за трендови и статии. Манекенките имаат кастинзи, проби, и константни повици паралелно со работење на ревии од сабајле до вечер. Фотографите работат по 12 саати на ден, па одат дома да средуваат слики до четири сабајле. И (барем во Њујорк), сето ова се случува или при топлотен бран во септември, или во сред снежна бура во февруари.
Шиона Турини, стилистка и уредничка која прв пат почнува да оди на ревии пред десетина години ја сметала мантрата за една утешителна интерна шега во рамки на страшниот месец. А за во денешно време вели, „реално, терминот ми пречи – особено во оваа политичка клима. Дали „преживуваме” или едноставно го работиме тоа што сме одлучиле да го работиме? Се преживува полициска бруталност, не модна недела.”
Во минатото, фразата би можела лесно да се отпише како „така е зборот”, но како што индустријата се освестува политички и се бори за значајна еднаквост (од маици со слогани, до многу посуштински промени – диверзитет и слично) да се користи ваков израз делува регресивно и не е на место.
Да се зборува за „преживување” на модната недела алудира и на негативен став, кој можеби и е неизбежен после неколку дена неспиење и болки во стапалата. Наместо тоа, можеби ќе биде покорисно да се фокусираат луѓето на позитивните аспекти на искуството: креативноста, живоста и сеприсутното заедништво од град во град, возбудата да се види нов, талентиран дизајнер, да бидеш сведок на пишување модна историја, па дури и можноста да ја видиш Ријана во живо.
Какви и непријатности да носи периодот – да трчаш по метроа меѓу ревии, на жешко, со батерија што оди од 50% на 6% баш пред некое важно интервју, да пишуваш за онлајн медиуми од кафич во 11, во петок навечер - треба да се испочитува фактот дека е привилегија да се искуси модната недела. Привилегија е да се има платформа за дискусија на таа недела. И привилегија е не само да се „преживува” туку и да се креира, соработува и слави – со или без помош на сите тие ситници што стигаат во ПР пакетчиња за преживување.