Сол со лук
Толку сме мрзливи? Не можеме да исецкаме лук? Ни треба да додадеме вкус на сол?
Сол Е вкус. Разбирате?
Сол е веќе вкус. Додаваме вкус на вкус.
Чергиче за пред врата со „Welcome“
Не сакам вакви черги.
Поставуваат некакви очекувања дека гостинот во мојот стан е добредојден.
А не е секогаш така.
Наместо „Добредојде“, треба да пишува „ОК. Добро. Тука си. И јас сум тука. Да завршиме.“
И треба уште една черга за кога си оди, и да пишува, „Гледаш? Толку ли беше потребно ова? Мислам дека на телефон ќе завршевме работа.“
Готвач „Ultimate Foodie Cookbook“
Го презирам зборот foodie.
Како може ова да е карактерна особина?
„Сакам храна“ - колку оригинално.
И воздух да не сакаш? Вода? Засолниште?
Чекан
Што ќе коваме?
Зошто ние како луѓе имаме потреба да правиме дупки?
Гледате, затоа го сакам Њујорк. Сите изнајмуваат.
Во мојот стан живеам 35 години. Ниедна дупка немам направено.
Нема ништо на ѕид.
И да умрам таму, ќе ми го вратат депозитот.
Рубикова коцка
Ќе ја завршиш. И?
Честито, имаш малку поатрактивна коцка.
Подвижна мешалка за цемент
Леле, фала богу што е подвижна.
За кога ќе мешам цемент, по пат.
Знаете, ова е проблемот во општеството. Толку се фиксираме на идејата за мултитаскинг, што не можеме ни цемент да мешаме без да праќаме пораки и да јадеме сендвичи.
Ако ти е работа да мешаш цемент, фокусирај се на цементот, важи?
Кружно светло за селфи (со сталак)
Луѓето имаат некоја потреба постојано да се снимаат.
Не разбирам зошто.
Мислат дека ќе се случи нешто интересно. Не сакаат да пропуштат.
Да ви кажам нешто - ништо никогаш не се случува.
Можеби десет вистински интересни работи се случуваат на годишно ниво.
Ниедна од тие не е кај тебе дома.
Тапани, пет парчиња
Луѓето што го купиле ова не треба да пишуваат критика.
Комшиите треба.
Тие ќе бидат искрени.
Амазон Ехо Шоу 8 (смарт дисплеј со Алекса)
Често си мислам како не ме шпиунираат доволно предмети. Ајде уште еден да додадеме. Ама овој пат, нека биде непосредно.
Мислам, ова е навистина нешто. Луѓето интензивно си ја чуваат приватноста.
А сепак, си ставаат робот во кујна.
Со камера. И микрофон.
И му зборуваат.
Што да ви кажам?
Генијални се.
Сув шампон (Пантен)
Не.
Подметачи (сет од 5)
Види, со самото име ти кажуваат дека не прават нешто многу.
Ти го држат пијалакот. Толку.
Не очекувајте повеќе.
Подметачи се. Подметнуваат.
И патем, го одобрувам ова како општ животен стил..
Шредер за хартија
Дали работиш за ЦИА? Не?
Тогаш, да ти заштедам време - држи си ги документите цели.
Верувај ми. Никој не ти копа по ѓубре. Никому не му е гајле. Кога ќе ти стане јасно, сѐ друго во животот ќе има смисла. Никој не те есапи. Ни тебе, ни било што.
Инаку, ја викаат современа Дороти Паркер. Документарецот го има на Нетфликс, да си знаете.