Кој е човекот заслужен за „Војна на ѕвездите“, а да не е Џорџ Лукас?

Кога денес се зборува за структурата на модерните митови и филмови, името на Џозеф Кембел звучи како неизбежна референца за познавачите, а сепак, многумина од нас немаат слушнато за него. И стварно, кој е и каков е Џозеф Кембел?

По дипломирањето на Колумбија, Кембел заминува во Европа кон крајот на 1920-тите. Во Париз и Минхен студира француска и средновековна литература, а паралелно се интересира за ориенталистика и психологија. Се враќа со магистерска диплома и (божем) јасен пат: докторска дисертација, универзитетска позиција и академска кариера во строго дефинирана дисциплина.

Но во 1931 година, Кембел се повлекува од докторските студии на Колумбија. Проблемот бил што универзитетските структури не биле подготвени за неговата желба да комбинира дисциплини - средновековна литература, уметност, митологија, ориентални текстови и психологија на Јунг. Наместо да избере „една патека“, како што се очекувало, тој се откажал од формалниот систем.

Овој чекор се случува во веќе длабоката Голема депресија. Намалениот број академски позиции го прави неговиот избор уште понеобичен. Наместо да бара сигурност, Кембел изнајмува евтина дрвена колиба во Вудсток, Њујорк - за дваесет долари годишно - и таму, во период од четири до пет години, тој воспоставува извонредно дисциплинирана рутина: долги часови на читање, компарации и бележење текстови од различни традиции - хиндуизам, будизам, грчка митологија, домородни американски митови, африкански преданија, модерна литература и психолошки теории.

Без наставни обврски и без академски притисок, Кембел постепено ги согледува повторувачките структури во приказните на народи и цивилизации меѓусебно оддалечени по време, географија и култура. Во 1934 година ја прифаќа понудата да предава на колеџот Сара Лоренс - институција што го охрабрува интердисциплинарниот пристап што тој одамна го практикува.

Во следната деценија и половина, Кембел ги систематизира своите увидувања во концептот што подоцна ќе стане познат: „мономитот“ или „херојското патување“. Значајни варијации постојат кај секоја традиција, но основната структура - повикот на авантура, преминот во непознато, искушенијата, трансформацијата и враќањето - се појавува повторно и повторно.

Во 1949 година ја објавува The Hero with a Thousand Faces. Книгата веднаш добива внимание меѓу одредени научни кругови, иако реакциите се мешани. Не станува масовен успех - барем не уште. Дури во 1970-тите, ситуацијата се менува - Џорџ Лукас јавно признава дека Star Wars е развиен врз основа на идеите на Кембел. Холивудските сценаристи го преземаат моделот преку интерпретациите на Кристофер Волгер, а The Hero with a Thousand Faces постепено станува основна литература за филмска структура.

Во 1987 година Кембел починал на 83-годишна возраст. Набргу потоа, во 1988, PBS го емитува серијалот The Power of Myth, снимен со Бил Моерс во Skywalker Ranch, кој го претвора Кембел во популарно име кај глобалната публика.

Иако некои научници го критикуваат поради генерализации, селективен материјал и акцент на машките херои, неговото влијание врз модерното раскажување останува огромно. Денес, едвај може да се замисли филмско или книжевно херојско патување без одек од структурата што Кембел ја извлекол од годините минати во една дрвена колиба со купови книги и амбиција да ги поврзе приказните на светот во една заедничка мапа.

12 декември 2025 - 10:44