Не постои планирање што би нè подготвило за ненадејна, неочекувана и трауматична загуба во заедницата. Се занишува чувството на стабилност и се појавуваат стравови што ни биле длавбоко закопани. И ова е само процент од она што го чувствуваат најблиските на жртвите. Преплавуваат чувства на беспомошност, бес, или сочувство и на нив реагираме со прифаќање, или со бегање подалеку од болката.
Кога смртта доаѓа вака трауматично, можеме ли да помогнеме?
Без разлика колку сте блиски со членовите на семејствата, помошта доаѓа од справување со сопственото искуство. Како се прави ова?
- Препознаваш што чувствуваш: Што те тера да се доближиш, или да се оддалечиш од болката? Нема да помогнеме без да си признаеме и понекогаш треба да си дозволиме да поседиме со тешките емоции што се појавуваат кога ќе се случи загуба.
- Ги препознаваш мета-емоциите: Емоции што ги имаме за самите емоции. Дали сведочење на среќа ви создава чувство на вина или бес? Дали лутината ве прави исплашени? И за чувствата имаме чувства, и тие треба да се препознаат.
- Внимавање на претерана емпатија: Дали нечија болна приказна ве здоболува толку што сега тој треба вас да ве теши? Ако е така, свртете се кон друг систем на поддршка, наместо да ја барате од семејството што е најблиску до загубата.
Во зависност од тоа колку сме блиски до тие што се најблиску до загубата, има различни практични нешта што можат да се направат.
Биди добар сосед
- Одржувај нормалност и постојаност. Ненадејната загуба прави светот да изгледа дека е надвор од контрола. Со продолжување на нормалните рутини и активности, обезбедуваме стабилност, кога изгледа како целата заедница да е превртена на глава.
- Справи се со сопствената жалост. Загубата може да ти врати тажни спомени. Може да извади стравови што ги имаш за саканите. Може да предизвика и да помислиме на сопствената смртност. Да се работи со сопствената жалост може да помогне со следната точка.
- Внимавај на осудите. Во болката и несигурноста, може да гледаме низ прозорец надвор, поточно, постојано да обновуваме информации на социјалните мрежи. Ова знае да предизвика судење за тоа како мислиме дека другите треба да се однесуваат во целата трагедија. Да се биде добар сосед значи да се дозволи приватност и дарежливост во ставот кон другите.
Практична поддршка
- Храна. Провери дали јаделе тие што жалат. Може им е полно дома со храна од тие што сакале да помогнат, но не значи дека им е до јадење. Прашувај, „кога јадеше последен пат?“ и „како можам да помогнам?“ Веројатно ни на крај памет не им паѓа да јадат и да пијат. И не се прашува само првата недела, прашувај и за две недели, па и кога ќе поминат месеци.
- Финансии. Како може да се олесни финансискиот товар со кој се соочуваат луѓето при загуба? Дознај каде купуваат храна и купи ваучер, или испазари. Прашај дали имаат сметки за плаќање. Дали имаат други финансиски потреби?
- Деца. Внимавање на децата и младите им помага на возрасните што жалат и на сите им треба простор да жалат подалеку од другиот. Што можеш да направиш? Да ги собереш од школо? Да им организираш дружење кај тебе дома?
- Друго. Има и други начини да се помогне. Да фрлиш ѓубре, да искосиш трева, да исчистиш по дома.
Емотивна поддршка
- Тишина. Тишината знае да биде моќна. Може да значи препознавање на она што не може да се изговори, присуство без барање, поддршка во истоштеноста. Пијте кафе во тишина. Седете на кауч во тишина. Пешачете во тишина.
- Нека водат тие. Жалоста е тешко патување без предвидлив тек на настаните и емоциите. Понекогаш луѓето сакаат да зборуваат за тој што умрел. Понекогаш сакаат да им се одвлече вниманието и да гледаат филм. Следете ги нив. Ова значи и подготвеност да се предомислат во секој момент.
- Доверливост. Откривање на најдлабоките моменти на болка пред некого е една од најранливите работи што можеме да ги направиме и често се случува во тагата да се направи и без да се размислува. Чест е, а не право да се поддржува некој во жалоста. Ја признаваме оваа чест со тоа што нема да раскажуваме по други луѓе што сме виделе и што сме чуле.
И важно е да се запамети дека тагата и жалоста се многу лични и понекогаш не се разрешуваат. Нема да ја разбереме болката на другиот и не можеме да ја избркаме. Помагањето е нешто што се прави со месеци и години, не само првите денови и недели после загуба.