Драматичен сај-фај хорор излезен 1990-та година, преработен под ист наслов во 2017-та, во кој пет студенти по медицина сакаат да ѕирнат во животот после смртта. Како последица на овие кратки излети на другата страна, еден по еден доживуваат нервен слом. Филмот е на Џоел Шумахер, еден од продуцентите е Мајкл Даглас, а во оригиналот глумат и Кифер Сатерленд, и Џулија Робертс, и Вилијам Болдвин, и Олвер Плат, и Кевин Бејкон. Доволно причини да се прегледа? Може е прегазен заради годината на снимање и квалитетот, ама па, што ќе гледате, последниот Фреди Кругер, ли? Нормално дека не.
Мрачна филмска интерпретација на книгата „Кабал“, и двете дело на Клајв Баркер. Филмот доживува комерцијален неуспех, а Баркер за тоа ја обвинува продуцентската куќа, велејќи дека не го разбрала филмот и оттаму го продавала како нешто што всушност не е. Приказна за психички болен човек што наоѓа прибежиште на гробиштата Мидиан, помеѓу чудовишта кои исто мораат да се кријат од човештвото.
Мистериозен нео-ноар хорор филм, исто дело на Клајв Баркер (кој ја читал Book of Blood во средно - знае за каков човек се работи). Иако далеку од неговите бестселери, се работи за солиден филм што не треба да се пропушти ако незгодна хорор атмосфера ви прави мерак. За филмот, во документарниот филм посветен на неговото снимање, Баркер вели дека сака да си „пука во колено“ прашувајќи се зашто некои работи ги направил како што ги направил. Сепак, може не е Кендимен и Хелрејзер, ама вреди да се ѕирне.
Хорор излезен 1992-ра година а во режија на Ден О'Бенон. Филмот почнува така што засегната сопруга иницира приватна истрага на мажот ѝ за кој смета дека во последно време чудно се однесува. Излегува дека поарно да игнорирала. Позитивните критики главно се вртат околу сјајните изведби на дел од главните актери.
Од 1993-та, според истоимената новела на Стивен Кинг. Иако интерпретациите на Кинг на филмското платно варираат од предобри до прелоши, ова е фер хорор, и веројатно потценет имајќи предвид дека за истиот не се зборува многу. Во филмот станува збор за писател со мрачно алтер-его (замислете!) кое сака по секоја цена да ја преземе контролата над неговиот живот. Си сака Стивен Кинг писатели со мрачни алтер-ега колку што си сака дечиња во хорор.
„Во устата на лудилото“, на Џон Карпентер, е трет дел од Апокалиптичната трилогија, концептуално надополнување на Нештото (1982) и Принц на темнината (1987). Иако првенствено добил мешани критики, со време прераснал во култен филм. Инспекторот Нејл, кого го игра Џон Тернт, трага по исчезнат писател на хорор новели, и во меѓувреме го губи разумот додека линијата помеѓу сонот и јавето вртоглаво му се истенчува. Филмот е посветен на работата на Х. П. Лавкрафт и неговиот интерес за лудилото. Лектира е. Не чекајте.
Вампири, Њујорк, филозофија и млад Кристофер Вокен. Филмот го викаат и Твајлајт за паметни. Го режира Абел Ферара, а му го потцениле затоа што го работел во црно-бела техника. Според некои толкувања, филмот е метафора за зависност од дрога, а некои што се занимаваат со него од подлабокото, тврдат дека се однесува на гревот како теолошки концепт.
Култно сај-фај остварување во режија на Пол Андерсон. Филмот е одбележан од продукциски заврзлами, откако Парамаунт наложиле да се „збрзне“ со работа, затоа што сфатиле дека Титаник нема да стигне за премиера во предвидениот датум. Резултатот - 18 милиони долари минус. Филмот го добива заслуженото внимание дури во домашните кина, кога заради продажбата на дискови Парамаунт го контактира Андерсон со намера да му дозволи да го монтира по негово. За жал, не биле во можност да дојдат до изворните материјали изоставени од првата верзија.
Адријан Лин си милува бизарности - приказната е за војник што се враќа од Виетнам и за неговото страдање во обидот да се снајде со халуцинациите што го мачат. Филмот прво не го есапат многу, ама подоцна станува влијание за многу култни хорори и ако ова не ви беше доволно, еве уште едно детaљче - инспирација е за видео-играта Сајлент Хил. Кога ќе го гледаме?
Иако Ентертејмент Викли го оценува скромно, со Б-, во книгата Мултиплекс генерација, Тимоти Шари го нарекува „еден од најдобрите тинејџерски хорори“. Филмот излезе во 1990-та и е во режија на Маринa Саргенти, а приказната е за несфатена тинејџерка опседната со старо огледало што го наоѓа во новата куќа каде што се вселува со мајка ѝ. Се разбира дека демони го контролираат огледалото.
И, што ќе гледаме, значи?