Кога Стивен Кинг ја фрли „Кери“ во ѓубре

Да се потсетиме.

Стивен Кинг се мачел финансиски и предавал англиски во средно школо, а работел и во перална за да си го издржува семејството. Со три деца, и сè пофрустриран, почнал да го пишува првиот роман, „Кери“.

Во еден момент, обесхрабрен го фрла ракописот во канта, уверен дека не вреди да се мачи да го заврши.

Тука најважната улога во неговиот живот ја одигрува неговата сопруга, Табита Кинг - ги наоѓа страниците во ѓубре, ги чита и гледа потенцијал. Го седнува, го охрабрува да продолжи и му кажува дека вреди да ја доврши приказната. Тоа му дало мотивација да ја допише книгата.

После неколку одбивања, издавачот Даблдеј го прифаќа романот за издавање, со што се обележува почетокот на неверојатната кариера на Стивен Кинг. Примероците со тврд повез помалку се продавале, но останатите заработиле 400.000 долари, сума што доволно му го променила животот, за да продолжи и да стане еден од најплодните писатели на светот.

Понатаму објавува еден тон бестселери и добива прекар „Мајстор на хоророт“, со откупени права за филмови како „Мизерија“ и „Сјаење“. И со секој успех, никако не ја заборавил улогата на Табита во неговата кариера, и многу од романите напред имаат посвета „За Таби“.

Слушајте си ги жените.

28 октомври 2024 - 10:55