Кога државата не е воодушевена што си сингл

Напорно. Уште понапорно е кога државата во прашање е Кина.

Уште од прв момент шокира новинарката.

На жената која е сингл, со одличен Мондријан фустан и високи стандарди за маж (ако високи стандарди значи да е образован и да почитува жени), ѝ вика, „Извини вака што сум директна, ти не си некоја убавица, плус стара си...“

Ехеј! Каков свет е тоа далечен од нашиов! Или пак, можеби и не е толку многу далеку, кога ќе ја загледаш во лице новинарката што ги изјавува овие работи.

И не само што не прифаќа кога девојката ќе рече „Не е точно“, туку ѝ вика и дека е во заблуда.

Не е ова само кинески проблем. Колку и да сме напред, излегува дека „нешто сме во заблуда“, кога ќе ни се обрати некој (машки или женски) цреп да ни објаснува до кај сме во животот.

А сингл-жените во Кина немаат само идеолошки проблеми. Заради политиката на дозволено само едно дете, има милиони повеќе мажи од жени таму. А истовремено, владата, која на бракот гледа како круцијална ставка за стабилност, врши притисок врз младите жени да се мажат.

Со кого? И за кого? За оваа маженава да не може да ѝ вика „извини, ама ти нешто си глупа“?

Имаат и израз за сингл-жени над 27 (со зборови: дваесет и седум) - остатоци од жени.

Светла страна? Па, девојчињата помалку важат од машки, ама па девојче со факултетска диплома барем може да се мери по вредност. Резултатот е едуцирани девојки со стандарди што не можат да се снајдат во морето мажи фалени само затоа што се мажи.

Може не сме до таму, ама не се ни трудиме многу далеку да им избегаме.

21 февруари 2020 - 00:00