Ќе го обвинат ли Диди на крај?

По повеќе од шест недели тешки сведоштва и контроверзни обвинувања, на судскиот процес против раперот и музички магнат Шон Диди Комбс му се ближи крајот. Обвинителството повика над 30 сведоци, кои опишаа мрежа на злоупотреба, уцени, сексуално искористување и прикриени криминални активности, сето тоа скриено зад неговиот гламурозен имиџ.

Поранешната девојка на Комбс, Кеси Вентура, сведочеше за 11-годишна врска исполнета со физичко, емоционално и сексуално насилство. Други сведоци, вклучително и поранешни вработени, опишаа ситуации во кои работеле без спиење, биле жртви на киднапирање, па дури и силување. Анонимниот сведок „Џејн“, изјави дека Комбс ја вовлекол во циклус на присилен секс, кој сè уште не можела да го разбере или дефинира.

Обвиненијата против Комбс вклучуваат рекет, трговија со луѓе и транспорт со цел проституција.

Диди се изјасни за невин.

Правните експерти укажуваат на сложеноста на случајот, бидејќи федералните обвиненија се базираат врз дејствија кои обично се третираат како државни престапи - како семејно насилство или уцена - и ги претставуваат како организиран криминал преку РИКО законот (Racketeer Influenced and Corrupt Organizations Act).

Одбраната тврдеше дека Комбс навистина имал нестандардни сексуални вкусови, но секогаш со согласност. Не повикаа сведоци во своја корист, што може да значи дека се надеваат дека поротата ќе заклучи дека обвинителството не докажало вина.

РИКО-обвинението бара најмалку две кривични дејствија - во случајот на Комбс, тоа вклучува поткуп, киднапирање, принудна работа и уцена. Според сведочењата, негови соработници - вклучувајќи ја и шефицата на персонал Кристина Хорам - помогнале во прикривање инциденти, како и во притисок врз сведоци.

Најсилниот дел од обвинението за трговија со луѓе се однесува на контролата што Комбс ја имал врз животот и кариерата на Вентура и „Џејн“. Двете тврдат дека биле финансиски зависни од него и принудени на сексуални односи, под закана од насилство, уцена или загуба на егзистенција. Вентура сведочеше дека Комбс ѝ ги конфискувал телефонот и автомобилот кога бил лут, и дека ја уценувал со видео-снимки. Мајка ѝ испратила 20.000 долари откако Комбс ѝ се заканил дека ќе објави интимни снимки.

Судот доби пристап до видео од хотелска камера каде Комбс брутално ја претепува Вентура - доказ кој обвинителството го искористи повеќепати како пример за моќта и контролата што ја имал.

Сепак, дел од поротата би можел да биде скептичен. Многу сведоци добиле имунитет или имале финансиски интерес. Одбраната го искористи тоа тврдејќи дека станува збор за „Me Too изнуда“. Посочија и дека Кеси ја завршила граѓанската постапка со спогодба од 30 милиони долари, а Џејн сè уште живее во куќа што Комбс ѝ ја плаќа.

Иако одбраната се надева на ослободителна пресуда, експертите укажуваат дека барем едно обвинение - како транспорт за проституција - речиси сигурно ќе резултира со осуда. Тоа само по себе носи до 10 години затвор. Ако се докаже и едно дело на трговија со луѓе, Комбс би можел да се соочи со најмалку 15 години затвор. Во случај РИКО обвинението да помине, казната може да достигне и доживотен затвор.

Клучот за поротата ќе биде: Дали веруваат дека жените биле навистина присилени, и дали можат да го поврзат Комбс со серија на криминални дејствија со цел заштита на сопствениот углед. Без разлика на исходот, овој случај веќе постави сериозни прашања за моќта, контролата и одговорноста во индустријата што долго време ги премолчуваше овие приказни.

2 јули 2025 - 00:00