Канселот на Блејк Лајвли и лекциите од него што не смееме да ги игнорираме

Блејк Лајвли ниже и подеми и падови во моментов: „Ова завршува со нас“ е хит во кината и на стриминг, но маркетинг стратегијата и сега веќе крвавата правна војна со колегата Џастин Балдони некако не ѝ одат од рака.

Ситуацијата нуди вредни лекции за сите што ја следат, во однос на тоа како се хендла публицитет, како се менаџираат односи и како се одржува позитивен јавен имиџ, како што размислува Сабрина Бендори од Thought Catalog.

На пример,

1. Немој сè да се врти околу тебе. Ако постојано секоја интеракција и разговор ги вртиш на твоја воденица, луѓето ќе забележат и нема да бидат воодушевени. Блејк си создаде проблеми затоа што секое прашање на интервју го користеше да ја истакне својата блескавост и величина. Овој пристап е еден од најодбивните што може човек да ги има. Скромноста и искрениот интерес кон тој пред тебе е секогаш попријатен од константната потреба за себе-промоција.

2. Read the room. Во превод, разгледај околу себе, види како луѓето реагираат и аман, адаптирај го нивото. Отфрлање или занемарување на сериозни прашања не само што прави да изгледаш како да си вон допир со реалноста, прави и да изгледаш како да си без осет (може си, ама, пак - адаптирај се). Блејк Лајвли никако не успеваше адекватно да одговори на сериозни теми и секое прашање го тераше на шега, плус го гледаше како уште една можност да се промовира. Присуството и емпатијата во односите се клучни за почит и поврзување.

3. Ништо не трае вечно. Блејк Лајвли ја сакаат откако е појавена и секогаш била без контроверзи. Најновата ситуација нѐ потсетува дека ништо не трае вечно, па ни беспрекорната репутација. Кога си на високо, лесно е да се нафураш дека си недоприлив, но успехот знае да го снема преку ноќ и важно е да се биде присебен и скромен, колку и да изгледаат добро работите. Поминуваат добрите времиња понекогаш, но за среќа, поминуваат и лошите.

4. Совршенството е илузија. Имиџот на Блејк беше совршена, недоприлива славна личност, па затоа можеби е и вака силен падот. Кога некој е предолго „беспрекорен“, јавноста знае да чека да се сопне. Значи, лекцијата е автентичност пред сѐ. Конкретно за Блејк, луѓето премногу очекуваа од неа, а до скоро, ја немаа слушнато толку често да зборува и се создаде простор за луѓето сами да претпоставуваат каква е. Од таму и шокот дека е обичен човек, со недостатоци.

5. Љубезност. За да запознаеш нечиј карактер, фино е да погледнеш како ги третира другите околу себе. Се вртеа клипови од Блејк како се однесува нељубезно со новинари, а не постои изговор да се однесуваш со кој било како да е „под тебе“. Ако ти доаѓа така, тогаш е важно да погледнеш во себе и во тоа што ти компензираш и со што избегнуваш да се соочиш.

19 февруари 2025 - 11:08