Канје е расприкажан како тетка

Неговите блиски се обидуваат да се доискажат дека има сериозни ментални проблеми и дека му треба помош, американската јавност (со право) се труди да го смести во наратив на „греота е, не му се смејте“, ама, да му текнеше на некој порано, додека уште беше во „Јас сум Господ“ - фазата? Дека сега вриска како за малку ќе ја убиел ќерка му (со абортус).

Сопругата и несудена прва дама на САД, Ким Кардашијан беше загрижена, а сега од петни жили и се труди да спаси што може од приватноста на нејзиното семејство и брендот на Канје. Затоа што, освен што кажа дека Хериет Табмен „не спасувала црнци“, го кажа и следново:

„За малку ќе ја убиев ќерка ми. Во Библијата пишува „Немој да убиваш“. Се сеќавам, девојка ми ми се јави со врескање и плачење, а јас си мислев… Затоа што тогаш бев рапер, и ме имаше насекаде, имав различни девојки и сѐ тоа… и ми вика ‘трудна сум’. И јас викам ‘Тоа!’ Па, викам ‘Uh oh’. Таа плаче… И така еден месец, два месеци, три месеци, зборувавме да не го родиме ова дете. Во рака ги имаше апчињата. Јас бев во станот каде што жена ми беше ограбена, со вклучен лаптоп, и пред мене сите мои креативни идеи, моите чевли, новата песна… И екранот станува црно-бел. И Бог рече ‘Ако се заебаваш со мојата визија, ќе се заебавам јас со твојата.’ И ѝ се јавив на жена ми и таа рече ‘Ќе го родиме бебево’ и јас реков ‘Ќе го родиме.’“

Па, имало и полошо од наш, локален митинг изгледа.

Вест кажа и дека нема да забрани абортус, но ќе се обиде да ги разубеди семејствата со нудење финансиска мотивација за раѓање деца.

„Максимумот би бил сите што ќе добијат дете да добијат милион долари. Ако имате можност да добиете милион долари само за да бидете бремени, не би размислиле? И така сите ќе имаат деца, најубавиот подарок во животот.“

За Хериет Табмен објасни дека „Не ослободувала робови туку само ги праќала да работат кај други белци,“ на што собраниот народ негодуваше. Блиските се плашат дека ова ќе му го уништи бизнисот и ќе му се случи масовен бојкот.

Повеќе извори за ТМЗ тврдат дека семејството и пријателите на Вест биле „загрижени, вознемирени и растревожени“ од неговиот говор, плус дека „сметаат дека на Канје очајно му треба професионална помош и дека се наоѓа во сред сериозна биполарна епизода, но тој не слуша.“

Семејството Кардашијан е вознемирено што Канје решил да ја обелодени дискусијата за абортус со Ким, особено поради фактот што нивната ќерка Норт во секој момент може тоа да го види на интернет.

Да се надеваме дека ќе успеат да го запрат.

22 јули 2020 - 03:10