Не постои универзум каде што Канје Вест ти е маж, а ти „не се секираш“

Космополитен известува дека „Ким Кардашијан е загрижена за Канје“, после глупостите што ги трескаше на еден митинг, меѓу другото.

Иако не собра доволно потписи, Канје Вест одржа изборен митинг во Јужна Каролина викендов, на кој блесна во сопствено Канје-светло. Во говорот, ја обвини Хериет Табмен дека не ослободила робови и зборуваше и за него, и за Ким и за целото Кардашијан семејство, што предизвикало загриженост кај Ким (но не би се кладеле дека и изненадување).

Само момент, да се консултираме со Википедија, да видите кого тоа обвинува Канје:

Хериет Табмен е афроамериканска аболиционистка, хуманитарен работник и воен разузнувач за војската на Унијата во текот на Американската граѓанска војна. Табмен била родена како робинка, избегала и потоа водела повеќе од 19 мисии за да спаси повеќе од 300 други робови со помош на мрежа на активисти против ропството и сигурни куќи позната како Подземна железница. Таа подоцна му помагала на Џон Браун да регрутира луѓе за неговиот напад на Харперс Фери, додека во периодот по војната се борела за женското право на глас.

Како да не го плачеш.

Според Ентертејнмент Тунајт,

„Ким, семејството и пријателите на Канје се загрижени за него… На Канје не му е добро во моментов и не слуша никого за барање професионална помош. Сепак, на крај, неговите блиски сакаат да престане со кандидатурата за претседател пред да направи поголема штета на себе, брендот и семејството.“

Пипл претходно има известувано за кандидатурата на Канје и твитовите и говорите што следеа, во контекст на неговото биполарно нарушување. Нивниот извор објаснува дека

„На Канје му беше добро долго време. Во минатото имаше и манични и депресивни епизоди поврзани со биполарното нарушување. Во моментов, повторно се мачи.“ Додаваат и дека „Епизодите обично траат по неколку недели, па работите се враќаат во нормала. Ким се надева дека и овој пат ќе биде исто.

Нејасно е дали Канје ќе продолжи со собирање народ како во Јужна Каролина, но, според многумина, меѓу кои и Њујорк Тајмс - тешко дека ќе биде претседател.

21 јули 2020 - 13:04