Каква е таа маска од 1000 долари?

Кога дизајнерката Гвендолин Буркин прв пат ставила обична, црна маска помислила дека изгледа „злобно“. Решение? Ќе си направи маска од 1000 долари, па додека има овци…

„Во тој момент сѐ уште се гледав со клиенти. А кога си работиш со клиенти треба да изгледаш пријателски, пристапно и поканувачки,“ вели таа. „Устата ни игра голема улога во начинот на кој се изразуваме и ги комуницираме чувствата.“

Почнала да прави маски од француска чипка и монистри што обично ги користела за венчаници (кои ги работи 23 години) и чинат неколку илјади долари.

И бидејќи не им се гледа крајот на маските во скоро време, предвидува дека наскоро луѓето ќе почнат и мода да тераат со нив. Затоа нуди маски со цени како 115 долари на пример, што, без разлика што ви се чинат скапи, Буркин потсетува дека многу труд се вложило во нив. Ќе го игнорираме тука фактот дека НЕ ШТИТАТ. Но, Буркин се фали дека добила нарачка дури од Франција, за маска што ќе биде доволно убава за да се носи и после пандемијата.

Најскапата маска што ја има направено е 1000 долари. За сега е само една, но се разбира дека ќе направи повеќе. Тврди дека некои од чипките што ги користи се 300 до 500 долари метар, на големо.

„Кога маските се убави, има и нешто секси и мистериозно во нив.“

Најсекси и најмистериозно е, сепак, кога се од чипка и немаат врска со заштита од Ковид.

10 септември 2020 - 14:09