„Првиот пасош го имав на шестмесечна возраст. Родена сум во Торонто, а доаѓам од имигрантско семејство. Моите родители се преселиле во Канада како тинејџери. Често патувавме затоа што имавме роднини на Карибите и во Америка.
Завршив француски јазик на факултет, па имав можност да поминам една година во Франција. Кога стапнав во Европа прв пат, се навлеков. Сите тие сензорни искуства, јазикот, културата, народот - ги обожавав. Кога дипломирав, мајка ми рече ‘Време е да почнеш со реален живот,’ ама јас мразев што сум дома. Толку ми изгледаше… нормално. Па, почнав да барам начини да работам во странство.
Бидејќи бев од имигрантско семејство, тоа со ранците и барањето себеси не ми беше опција. Затоа најдов програма во Франција каде што можев да предавам англиски како втор јазик. Платата не беше голема, затоа што беше само 12 часа неделно, но се живееше со тоа. Додека бев таму, дознав дека има интернационални школи, каде што дипломати и други добростоечки семејства си ги праќаа децата, и каде што се плаќа одлично. Затоа магистрирав во образование и следните десет години предавав во интернационални школи во Лондон, Хонг Конг и Мексико.
Околу 2005-та, почнав блог со наслов Oneika the Traveller, како еден начин да ги известувам пријателите и семејството каде се наоѓам. Поминував вечери и викенди на него. Колегите мислеа дека е чудно. Фејсбук штотуку почнуваше, па и идејата за документирање на животот онлајн беше чудна. Не бев нешто отворена за тоа, но околу 2008-2009 почнав да собирам публика. Луѓето нешто беа заинтересирани што имам да кажам, не само како западњак што живее во странство, туку и како жена, и тоа црнкиња. Многу луѓе коментираа, „Еј, има една црнкиња што живее во Азија, па патува во Камбоџа,” детали што не би им текнале сами по себе затоа што патувањето не им било лесно достапно.
Во 2011-та, почнаа да ми се обраќаат уредници на Конде Наст Травелер и списанија за во авион со понуди за пишување статии. Добра тезга беше, но истовремено се чувствував и прифатено, со самиот факт што вакви големи списанија ми пишуваат. Вашингтон Пост направи статија за мене, околу тоа како е да се биде наставник во странство. За време на хаосот околу свадбата на Вилијам и Кејт живеев во Лондон, па една канадска телевизија ме најде онлајн и ми побара да известувам околу тоа.
Почнав да добивам и понуди за прес-патувања. Прес-патување е кога дестинација или бренд ќе те покани некаде и не ти плаќаат за да дојдеш, но ги покриваат сите трошоци. На пример, туристичката комора во Казахстан те кани да дојдеш на прес-патување и можеш да добиеш материјал за статија во Конде Наст Травелер. Едно од првите прес-патувања ми беше во Луксембург. Туристичката комора ми плати лет од Лондон, плати за хотелот и многу добро ме хранеа. Бев во екипа со главно традиционални новинари, неколку блогери и многу ‘официјално’.
Вакви работи почнаа да се трупаат, па се прашував дали можам да го претворам блогот во комплетна кариера. Ризикот беше голем, затоа што тогаш бев веќе во рани 30-ти и научена на одреден животен стил - бев многу сигурна финансиски и не сакав да се мачам. Решив да си дадам една година и да пробам да се издржувам од медиуми и блогирање.
Престанав да предавам во 2016-та и се преселив во Њујорк. Последната работа во Хонг Конг ми даде фина финасиска предност. Таму живеев многу луксузно. Јадев во ресторани секоја вечер, патував во Бали и Тајланд за одмори и можев дури и да штедам.
Кога стигнав во Њујорк си направив медиумско пакетче со сите мои статистики, исечоци од весници и издавачи за кои сум работела. Ги пратив во Хафингтон Пост и Базфид, како и во туристички одбори, со надеж дека ќе ми дозволат да пишувам за нив. Почнав и Јутјуб канал затоа што сакав да работам и пред камера.
Правев било што што ми го вадеше името во јавност и носеше повеќе опции што се плаќаат. За еден месец, ми се јавија од КТВ од Канада и ми рекоа дека ми ги виделе влоговите и сум им се допаднала. Имале национално утринско шоу, па дали би била заинтересирана да им бидам експерт за патување на телевизија? Не ми се веруваше дека станицата што ја следев како дете во Канада ме бараше мене. ТВ-лица со кои растев! Да бидам на камера, пред милиони луѓе со нив и плус да ме плаќаат? Фантастична понуда ми беше мене, учителката по француски, со блог.
Почнав да го градам и Инстаграмот, затоа што веќе стануваше модерен. Визуелниот идентитет ми е со многу светли бои и пишувам многу долги коментари под слики. Освен обични факти за дестинацијата, пишувам и за социјални и социо-политички проблеми, пишувам за религија во Турција, или ксенофобија во Франција. Тоа на луѓето им се допаѓа. Од таму, почнаа да ми се обраќаат брендови. Во рок од шест месеци откако се преселив во Њујорк, ми се јавија и од Travel Channel. Рекоа дека ме нашле онлајн и прашуваа дали би била заинтересирана да работам со нив. Реков, ‘Апсолутно!’ и направив неколку скрин-тестови и им се допаднав и ме задржаа. Тоа е огромна платформа.
Откако почнав да добивам многу понуди, смислив минимална бројка: ‘Не се качувам на авион ако не ме платат минимум четири цифри.’ На сите фриленсери им е јасно - тешко е да си смислиш цена, дури и сега е див запад тоа. Кога брендовите ќе прашаа колку чинам, ги прашував, ‘Што би сакале? Инстаграм пост? Цела статија?’ Сега гледам јас да го водам разговорот. Нудам пакети: За олку илјади долари, нудам два Инстаграм постови, блог пост и спомнување во стори. И дали сакате додатна содржина што би ја откупиле за ваши потреби и маркетинг материјали? Затоа што и за тоа имам цена.
Сум имала потенцијални клиенти кои ми кажале дека сум прескапа, но никогаш не знаеш колку можеш да заработиш додека не прашаш. Покрај тоа, никогаш не се расфрлам со луди бројки од ракав, тоа е непрофесионално. Наместо тоа, истражувам колку реално моите услуги би му вределе на тој клиент. Ако не се способни да излезат во пресрет на моите бројки, разговарам со нив да видам дали може да ги намалиме во рамки на нивниот буџет. ако тоа не функционира, едноставно се повлекувам. Не би сакала да се почувствувам искористена или недоволно платена за мојата работа.
Сега заработувам шест цифри. Бескрајно сум благодарна за тоа, но сум работела на ова понапорно од било која друга работа. Нема затворање компјутер во петок навечер и отворање во понеделник сабајле. Не е само Инстаграм. Пишувам за Аламо, компанијата за изнајмување автомобили, на нивниот сајт и пишувам за Мериот. Имам многу соработки што не ми се гледаат на тајмлајн. Константно работам, константно креирам содржина, средувам слики, одговарам на мејлови. Патувам на сметка на овие компании и имам луксузни исксутва, но сепак сум на работа, не мора да значи дека ја искусувам дестинацијата. Би било фино да се седне на маса и да се пие коктел на зајдисонце, но наместо тоа, јас висам на некој балкон и се обидувам да го сликам истото тоа зајдисонце. Го обожавам ова, но сепак е работа.
Добро сум платена, но сепак сфаќам дека утре тоа може да исчезне и не би сакала да се најдам во ситуација да не бидам финансиски стабилна. Имам пензиски план и агресивно штедам, имам инвестиции и заштеди. Тоа ми е клучно.”