Kако тинејџерките во Кенија се борат со сексизам

Се чини како да живееме во момент кога некои прашања треба малку да почекаат во фиока (нели, корона), ама некои битки се водат постојано, а во некои делови од светот не смеат ни да запрат.

Каналот Refinery29 има релативно нова серија битна за женски, со драматичен наслов каков што си бара новото време - Фундаментална. Родова правда. Без исклучоци.

Во Кенија, 50% од адолесцентната популација се женски.

Речиси сите истражувања покажуваат дека сексуалното образование го намалува ризикот од несакана бременост, ХИВ или други половопреносливи болести, како и сексуално насилство. А сепак, во Кенија (и насекаде низ светот, да не мислиме дека тоа им се случува „таму на некои други“), отпорот на заедницата, предрасудите, политичката опозиција и недостатокот на средства ги спречуваат младите луѓе во пристапот до информации за репродуктивно и сексуално здравје - пристап кој им е загарантирано право.

Како резултат на тоа, на годишно ниво повеќе од 390.000 девојчиња на возраст од 10 до 19 години забременуваат; според најновите истражувања - цели 29.000 од нив се под 14-годишна возраст.

Сфаќате што е тоа?

Тоа е дете.

Од 14, 13, 12, 11 и 10 години.

Во надеж дека сме далеку, нека стои ова како потсетник дека, можеби не сме до таму, ама она „отпорот на заедницата, предрасудите, политичката опозиција и недостатокот на средства…“? Е, до таму сме.

31 март 2020 - 00:00