Вака Џози Делап од Економист ја памти култната сцена и додава дека (да не заборавиме), штиклите се сепак прво дизајнирани за мажи, и тоа од практични причини. Војниците на коњи ги носеле во Персија во десетти век, според Елизабет Семелхај од Бата музејот во Торонто - штиклата им помагала во стабилноста кога потстанувале и нишанеле на непријателот со лакови и стрели (затоа и каубојките имаат штикли). Со тек на време, им се засвиѓале и на аристократите низ Европа, и на крај, некаде кон средината на 17-ти век, почнале полека да ги врзуваат со женски квалитети и наскоро се претвориле во - женска работа.
До средината на 20-тиот век, штиклите биле крупни и тешкички. После втора светска војна во изработката почнале да се применуваат техники и материјали што се користеле во авионски инженеринг (!) и така настанува тенката штикла, која бара тенка метална прачка што е доволно силна да ја издржи тежината на тој што ја носи, а истовремено е доволно флексибилна за да може чевелот да се движи.
Чевларите и купувачите до ден денес се во потрага по светиот грал наречен штикла што е истовремено и удобна и висока. Сега за сега, успеваат да го ублажат аголот што го создава високата штикла, што предизвикува неколкуте квадратни сантиметри напред да ја држат целата тежина на телото.
Џоан Олоф, инаку ортопед што решава да дизајнира чевли - ги прави со мемори пена за да се апсорбира шокот од секој нареден болен чекор. Ѓонот е изработен на начин кој овозможува стапалото да биде стабилно. Друга, Антониа Сент Дунбар изработува чевли со чашка на штиклата и ленти внатре за стапалото да не се лизга и да се појавуваат плускавци. А секое е различно и ретко се приспособува совршено на стандардни големини, проблем што накосениот агол на штиклите го влошува затоа што дополнително им ја менува формата. Трета, Сандра Голт има развиено апликација што прави 3Д фотографии од стапалата и потоа ги користи за создавање на совршено точни чевли. А сè повеќе компании прават чевли со штикли на подесување - 5 за на работа, 10 за во диско и 0 ако нема такси.
За тие што бараат поевтини опции - има хакови. Се лепат третиот и четвртиот прст заедно. Се вбризгува ботокс на дното на стапалото за анастетски ефект. И уште едно решение што нема да ви се свиѓа - Чао штикли, добредојдовте патики.
Во 2016-та, за прв пат, повеќе Британки купиле патики отколку високи штикли.