Kако се живее кога си преубава?

Кого и да прашаш, првиот одговор би му бил „веројатно лесно и пријатно.” Веројатно би се појавил дури и презир и одмавнување со рака, со една самоувереност, како да се знае како „тие работи функционираат”. Една жена, некаде на крајот од шестата деценија од животот, за The Cut анонимно ја раскажува нејзината приказна за движење низ животот кога си преубава.

„Периодот околу осмо одделение, луѓето почнаа да ми кажуваат дека сум убава. Бев висока и нежна. Имав одлична фигура и никогаш немав повеќе од совршената тежина. Почнав да се занимавам со манекенство во средно школо и имав темно-кафеава коса до струк и кафеави очи. Кога ќе се нашминкам целосно, со трепки, па штикли и фустан - изгледам застрашувачки.

Изгледот секако ми отвори врати. Работев во ПР и како продуцент на вести, писателка, новинарка и водителка на ток-шоу. Глумев во сапунски серии, реклами и во театар. Никогаш не сум била на интервју за работа, а да не ја добијам работата. Точно, имав добра диплома од факултет, но кога имаше повеќе кандидати со еднакви способности, работата ја добивав јас заради мојот изглед.

Една од најлошите работи во врска со убавината е што жените апсолутно те презираат. Цел живот ме расплакуваат жени. Кога се обидувам да се спријателам со жена, се чувствувам како маж што заведува. Жените не ми веруваат. Не ме сакаат околу нивните мажи. Често ме исклучуваат од забави без објаснување. Веројатно си викаат, „Што е важно ако ѝ ги повредам чувствата. Си го има изгледот, а тоа е повеќе отколку што имам јас. Животот веќе ја почастил…” Исто како кога си роден богат, луѓето не веруваат дека исто те боли. Едноставно, не им се верува.

Во целиот мој живот, натпреварувачки настроени, атрактивни и богати жени кои мислеа дека нешто им следува навистина ме мразеа. Прв пат кога се вработив после факултет, колешките направија заговор против мене. Ми ставаа полупразни шишиња алкохол на бирото за да изгледа дека сум пиела на работа. Две беа опседнати со мене: му кажаа на шефот лаги за да ме отпушти. Зборував со некои од претпоставените за тоа и ми кажаа директно: Види, тоа е чиста љубомора. Те мразат заради твојот изглед.

Еднаш бев верена со маж кој ме напушти откако неговата снаа рашири трач за мене пред семејството. Се заканија дека ќе го лишат од наследство ако остане со мене, па замина. Тоа ми го скрши срцето. Веројатно таа си рекла „јас сум принцезата во семејството, таа жена мора да биде елиминирана.” Подоцна, откако се омажив за друг човек, поминав низ пекол со сестра му. Сè уште не ме кани на семејни одмори и ме има блокирано на Фејсбук.

Тој отпор што жените го имаат да ми бидат пријателки е дефинитивно еден од минусите на тоа да бидеш атрактивна. Кога бев помлада бев очајна за пријатели, сешто прифаќав.

Мажите беа полојални пријатели, но дечковците секогаш ми викаа, „Тоа е затоа што сакаат да те легнат.” Па си велев: Жените ме презираат. Мажите само сакаат да спијат со мене. Која сум јас? Мојот најблизок пријател беше геј маж, не беше љубоморен и не сакаше да спие со мене. Тоа може да е моето единствено искрено пријателство.

Никогаш не сум имала проблеми со мажи, но лесно ми здосадуваа и продолжував понатаму. Требаше посериозно да ги сфаќам добрите. Сега гледам дека можеле да бидат добри сопрузи и татковци, но јас само отшетував на следниот и престанував да им се јавувам.

И кога ќе си го погледнам животот, си мислам, Што направи мојот изглед за мене? Добив неколку работни места, многу дечковци… Но што друго? Не се омажив до 35 затоа што не сакав да заврши вртелешката. Еден ден сфатив дека ако сакам да имам дете, подобро да побрзам. Се разбира, сите добри дечки што не ги сфаќав сериозно одамна ги немаше.

Мојот сопруг беше последниот пристоен, жив маж. Малку имаше проблеми со алкохолот, но ги надмина. Во еден момент беше многу лошо и размислував да го оставам, но немав поим каде да одам затоа што никогаш, никогаш не сум имала потреба да се додворувам на маж. Знаев дека не можам да се справам со одбивање.

Деновиве, откако остарев, кога не носам шминка и кога малку ќе се здебелам (а често се случува), можам да поминам како нормална. Можам да шетам по улици гола - не ме гледаат.

А иронијата е што сега кога сум постара, сум многу подобра личност. Страдав малку кога имав 40-и-нешто. Израснав две деца, се справував со маж алкохоличар, ги испратив моите родители - и навистина пораснав."

виа

4 април 2018 - 11:38