Како политичката коректност ќе го убие романот

Авторката Сали Руни е обвинета за расизам затоа што измислила лик што е расист.

Сали Руни е млада, успешна авторка, чиј последен роман, Прекрасен свету, каде си е бестселер во Велика Британија во моментов. Руни е позната по две работи: нејзиниот успех како писателка и фактот што е самопрогласен марксист. Сепак, нејзините политички инклинации не можеа да ја спасат од пипците на кансел-културата.

Пред неколку недели кога излезе романот, Сиднеј Морнинг Хералд напиша статија што ја раскринкува идејата дека авторката е толку јака колку што луѓето мислат. Цитат од нејзината претходна книга, Нормални луѓе, беше плеснат во статијата без никаков контекст:

Не знам што се мачиме со Венеција - само Азијати има што сликаат сѐ и сешто.

И како што бива, оваа расистичка изјава е промрморена од антагонист и веднаш ја побива друг лик во романот. Сепак, идејата овде е - бидејќи книгата на Руни содржи расистички лик, значи дека самата книга, па можеби и самата авторка е расистички настроена. Ова е новото нормално: ако имате расист или сексист во книгата, дури и ако книгата сака да демонстрира колку се лоши расизмот и сексизмот, вашата книга по дифолт е расистичка и/или сексистичка. Не е дозволено да се прикажуваат вакви работи повеќе, дури и кога ги претставуваш во негативно светло.

Ова нема никаква смисла. Ако освестените веруваат дека насекаде има расизам, тогаш како ќе можеш да напишеш роман што го претставува светот на реален начин, ако нема расизам во него? Но, да беше само контрадикторноста на освестената левица проблем овде, немаше да биде толку сериозно. Она што го сведочиме се заканува на самата форма роман.

Ник Тајрон од Спајкд и самиот има издадено роман. Се вика Пациентот и се работи за еден пар, г. и г-ѓа Синкоп, кои одат во болница затоа што жената треба да се пораѓа со првото дете и настанува кошмар. Се работи за морничавата медицинска авторитарност и за современиот сексизам и зошто е тоа лошо. Г. Синкоп е доста сексистички настроен и малку расист. Лош е, со други зборови, и ова во книгата е јасно.

Издавачот на Тајрон праќа примероци на книжевни блогери за да напишат рецензија пред да излезе романот. Авторот го интересира што ќе кажат, и е скршен од реакциите. Не се сите мислења негативни - некои да, многу од нив биле и позитивни. Но она што се провлекло била идејата дека, затоа што книгата има сексистички лик, самата по себе е сексистичка. Или, во најмала рака, навредлива е.

На пример, во склоп на една позитивна критика, после неколку фини коментари, доаѓа следното:

И покрај тоа, секако разбирам зошто некои луѓе биле навредени од изразувањето што на моменти можеби премногу се труди да биде „опасно“.

Дури и кога им се допаднала книгата, луѓето почувствувале потреба да додадат коментари за нешто што можеби е мисловен криминал, ако не денес, тогаш можеби утре.

Во време кога дури и книги од големи издавачи се мачат да добијат критика во мејнстрим весник или списание, книжевните блогери имаат неверојатна моќ во издавачката индустрија. Издавачите повеќе се потпираат на нив за разгласување за нови автори отколку што би сакале да признаат. Според тоа, загрижувачки е фактот што сите ја имаат таа идеја дека да имаш сексистички и расистички ликови е лошо, без разлика на контекстот. Ќе ги натера издавачите едноставно да престанат да издаваат дела што можат некого да навредат. Ако е така, тогаш дојдовме до крајот на романот каков што сме го знаеле во последните 400 години.

Што е уште полошо, вели Ник Тајрон, е што ни во еден момент не поверував дека луѓето што даваат професионални мислења за мојата или книгата на Сали Руни ги сметаат овие работи за навредливи. Само се плашат да не ги откажат и нив во некоја блиска иднина. Сакаат да си го покријат задникот, за секој случај. „Да, ми се допадна книгата, но гледам зошто може некој да се навреди.“

Романите треба да ги раздрмаат правилата. Тука се за да ни ги покажат лошите нешта во светот во ново светло. Затоа постојат. Еднаш одамна, левицата беше таа што се бореше за потребата за слобода на израз во оваа книжевна форма. Затоа е толку тажно што токму оние на левата страна на спектарот се тие што, можеби несвесно, помагаат да се задушува формата додека не престане да постои.

12 октомври 2021 - 11:36