„Откако го направив документарецот, се враќав често во Калахари да ги посетам Бушманите. Колку почесто одев, толку повеќе откривав за нив: Немаат чувство за сопственост. Не знаат за имот. Ако го оставев сакото, некој од нив го облекуваше. Сѐ делат. Таму каде што се, немаш што да поседуваш. Многу е различно од останатите нас, што се убиваме за дијамант затоа што е редок.“
Ујс избрал шише Кока Кола, како предметот што ќе го откријат Сан луѓето и што ќе го сакаат за свој, затоа што шишето го претставува нашето „пластично општество“, а и затоа што е „преубав предмет, ако претходно не си видел стакло“.
Откако го напишал сценариото, Ујс поминал три месеци низ пустината со толкувач, барајќи Сан што ќе ја игра главната улога во филмот. Ги сликал и означувал географска ширина и должина за да знае каде да ги бара кога ќе се врати. На крај, одлучил да го ангажира земјоделецот Nǃxau, и подоцна се сеќава како „не го разбирал, бидејќи не познавал збор за работа“. Потоа, толкувачот прашал, „Сакаш ли да дојдеш со нас на неколку дена?“ и се согласил.
Го качиле во авион до Виндхоек, Намибија, каде што била базата на снимањето. Nǃxau воопшто не бил импресиониран од авионот - секако мислел дека се волшебници, па верувал дека можат сѐ да направат. Ништо не го импресионирало. Во хотелската соба, се согласил да го користи тоалетот, но спиел на подот, наместо на креветот што му го обезбедиле.
Според Ујс, го носеле назад во Калахари на секои три-четири недели, за да не добие културен шок. Додека престојувал во урбани средини, Nǃxau научил да пуши и бендисал алкохол и саке. Ујс му платил 300 долари за првите десет дена работа, но парите одлетале на ветер. На крај, му компензирале со 12 говеда.