Како мислиш, да го откажеме „Брилијантин“?

Оливија Њутн-Џон реагираше на трескањата од земја за „проблематичноста“ на „Брилијантин“ и ги нарече „малку будалести.“

„Брилијантин“ неодамна се најде на мета на борците за социјална правда, кои најдоа предрасуди кон ЛГБТ лицата, конкретно во сцената со игранката каде што се кажува дека лица од ист пол не смеат да учествуваат. Други наоѓаат мизогинија, заради Ризо, која трпи „шејминг“ што спие со повеќе мажи, а маани им наоѓаат и на текстовите на песните, како на пример во Did she put up a fight?

И покрај критиките, повеќето сепак заклучија дека филмот е производ на своето време и Оливија Њутн-Џон се согласува со тоа. Кога ја прашале за проблемите рече дека „филмот не е направен за да се сфаќа пресериозно.“

„Конкретно тука, мислам дека е малку глупаво, затоа што филмот е направен во ’70-те за ’50-те. Мјузикл е. Забавен е и не треба да се сфаќа толку сериозно.

Мораме малку да се опуштиме и да уживаме во работите онакви какви што се. Мислам дека филмот треба да забавува народ. Тоа е сѐ.“

За односот со Џон Траволта кажува дека се сѐ уште мнногу добри пријатели и секогаш ќе бидат:

„Мислам дека споделивме нешто неверојатно уникатно, тој филм што сѐ уште е толку обожаван,“ вели таа. „Тоа ни го одржува пријателството.“

Последен пат се собраа во 2018, во костими како Дени и Сенди за 40-годишнината од филмот.

7 февруари 2021 - 18:21