Како Лорета Јанг ја посвои родената ќерка

Пред да почине од рак на јајници во август, 2000, Јанг јавно потврди една долгогодишна холивудска гласина во нејзините мемоари: Ќерката што ја „посвоила“ во 1936 била нејзина родена ќерка и резултат на „сексуална средба“ со Кларк Гејбл.

Јанг била посветен католик и одбила да сподели со Twentieth Century Pictures дека е бремена затоа што знаела дека или ќе на натераат да абортира, или ќе ѝ ја прекинат кариерата - а, абортусот во нејзината вера е смртен грев.

Заедно со мајка ѝ и сестрите, смислила план да исчезне од Холивуд на кратко, да го роди бебето тајно и потоа да се преправа дека го посвојува. Кога почнала да се забележува бременоста, „отишла на одмор“ во Англија неколку месеци, па се вратила во Калифорнија да роди. Кога стигнала во Холивуд, ја интервјуирале од кревет, внимателно сокриена со ќебиња и тврдела дека ѝ се вратила некоја здравствена состојба од која страдала уште од дете. Неколку недели подоцна, на 6 ноември, 1935, се раѓа ќерката на Јанг и Гејбл - Џудит.

Неколку недели по раѓањето, Јанг ја „дава“ ќерка ѝ во дом за подоцна да може да ја „посвои“. Во 2001, Џудит, која се презива Луис како сопругот на мајка ѝ, продуцентот и сценарист Том Луис, за Њујорк Пост изјави дека во времето на „посвојувањето“, мајка ѝ јавно тврдела дека е во процес на посвојување две девојчиња од католички дом, но подоцна на новинарите им кажала дека едно од посвојувањата не успеало, па затоа ја посвоила само Џудит.

„Беше мала диверзија. Ѝ текнало дека ако каже дека сака да посвои две бебиња, никој не би помислил дека се нејзини деца.“

И покрај тоа што ова било јавна тајна во Холивуд, Џудит не дознала кои ѝ се вистински родители додека не наполнила 31 година. На прашањето за искуството кога дознала дека жената што ја посвоила ѝ е вистинска мајка, рекла:

„Беше две недели пред да се мажам. Му реков на идниот сопруг - не можам да се омажам за тебе, не знам која сум. И тој рече не се секирај, знам сè за тебе. Ти си му ќерка на Кларк Гејбл. Тогаш прв пат го слушнав тоа. Сите веќе имаа чуено. Пораснав со филмски деца и сите ја знаеја приказната. Никој не ми кажа.“

Потоа се соочила со мајка ѝ и Јанг признала дека е вистина.

Во 2015, снаата на Јанг, Линда Луис (мажена за нејзиниот син Кристофер) изјави дека во 1998, актерката им се доверила дека Гејбл всушност ја силувал кога ја зачнала Џудит. Јанг сфатила дека „сексуалната средба“, всушност била date rape, кога силувањето се случува после состанок, поточно кога насилникот смета дека затоа што се виделе романтично, средбата автоматски мора да заврши со секс, без разлика што жртвата одбила. Сфатила откако гледала сегмент на таа тема на Лери Кинг Лајв. Семејството ја чувало тајната до после смртта на Лорета Јанг и Џудит.

26 мај 2025 - 12:44