Она што ни го покажува Големото откажување е дека работодавачите од вработените бараат повеќе од кога и да е и сега овој баланс е клучен фактор во нивните одлуки при изборот на работно место. Не само што е во интерес на вработените да си најдат компанија што го поддржува балансот, туку е важно и самите компании да си го имаат ова решено за да привлечат талент.
Прво, што е баланс работа-живот?
Како за почеток - дефиниција не постои. Барем не универзална, што ќе опфати што им значи на сите. За некои значи да можат да си одат во 5 без никакво задржување. За други на стресни позиции - хирурзи, наставници, политичари - нема начин да се напушти работното место. Од овие причини, Џулија Карлсон, основач и ЦЕО на Financial Freedom Wealth Management Group, го претпочита терминот „интеграција на работа-живот“, што нејзе ѝ значи дека можеш да се свртиш кон работа кога е време, па кон семејството кога е важно. Не е толку до дневното одредување на времето поминато на работа, колку што е да имаш кариера што ти дозволува да си го живееш животот кога тоа ти е потребно. Некои денови тоа значи дека ќе задоцниш затоа што си бил на доктор, а други ќе значи да си одиш порано затоа што имаш испланирано патување.
„Имам сезони во животот кога морам напорно да работам и нема баланс до степен моите деца да знаат дека во моментов работам многу напорно,“ вели Карлсон. „Па има сезони на одмор и полнење батерии и играње со децата. Интеграцијата значи дека додека работам, тоа е најважно; додека сум со децата - тие се најважни.“
Има и друга дефиниција, и тоа со еден збор - флексибилност. Луѓето во последниве две години мораа да се справат со балансирање на потребите на семејството, седење и едуцирање на децата дома, притоа жонглирајќи обврски на работа. Затоа и некои експерти тврдат дека се сведува на флексибилност, повеќе од сè друго.
Лесли Тарнаки која работи човечки ресурси во Воркфорс Софтвер вели дека компанијата мора да препознае кога не нуди флексибилност, затоа што ќе ја напуштат без размислување, особено во денешно време кога има конкуренција на пазарот и фирмите се тепаат за талент. Со овозможување флексибилност, компаниите не само што стануваат компетитивни - има и придобивки.
Но, да не ги мислиме нив - како да си најдеш таква работа?
Прво - истражување. Нема потреба да се чека до интервјуто за да се истражи културата на работното место, особено сега, кога и работодавачите се рангираат на интернет.
А кога веќе се стигнува до интервјуто, паметно е да се поставуваат вистинските прашања. Ако нè интересира каков баланс на работа-живот нудат, најлесно е да се праша токму тоа. Значи, како се со паузи, какви им се очекувањата за одговарање мејлови вон работно време, што е точно успешен вработен за нив, итн.
И што е најважно - читајте меѓу редови. Она што не го кажуваат зборува најгласно, па ако сте поставиле прашање за годишни одмори, или слободни денови и не сте добиле директен одговор, запаметете го тоа.
И на крај, откако ќе ги поставите вистинските прашања и ќе истражите, запишете на хартија сè што ви се движи низ глава, пред да се посветите на некоја работа. Направете матрица за споредба на позициите за кои размислувате и вметнете ги најважните фактори: локација, компензација, култура на компанија, можности и работно време.