Хакови за подобар сон и повеќе енергија

Недостатокот на сон не е само непријатност - директно влијае врз нашата енергија, концентрација и способност да носиме одлуки. 

Истражувањата потврдуваат дека квалитетниот сон е неопходен за обновување на телото и мозокот: во длабоката фаза телото се регенерира, а во REM-фазата, мозокот ги обработува емоциите и спомените. Недоволно сон доведува до раздразливост, умор и намалена продуктивност.

Експертите предлагаат пет едноставни навики кои можат да ви помогнат да спиете подобро и да се разбудите посвежи:

Држете се до редовен распоред - легнувајте и станувајте во исто време за да го стабилизирате биоритамот.

Смирете го умот со „когнитивно мешање“ - техника која вклучува замислување на случајни зборови или предмети за да се одвлечат анксиозните мисли.

Да речеме, бираш збор - еве нека биде збор - па потоа зборови за секоја буква од зборот:

З-зајак, злато, зима, зграда
Б-бебе, бајка, бик, бања
О-огледало, отвор, очи, одвод
Р-ред, рака, Рим, радост

Кои анксиозни мисли?

Читајте пред спиење - шест минути читање може да го намали стресот за скоро 70% и да го подобри квалитетот на сонот. Замислете колку книги се тоа годишно, ако глупавото скролање на социјални мрежи пред спиење го замените со книга.

Оптимизирајте ја спалната соба - свеж воздух, тивка и темна просторија, соодветен душек и перница се клучни услови. Пола живот го поминуваме во спиење - нели треба да се стремиме кон што е можно посовршен простор за тоа?

Избегнувајте алкохол навечер - иако може да помогне за побрзо заспивање, алкохолот го нарушува длабокиот и REM-сонот, оставајќи чувство на замор наутро.

Со мали промени во навиките и просторот, сонот може да стане вистински сојузник за енергија и ментална јасност во текот на денот.

21 август 2025 - 00:00