Дојде крајот на миленијалските брендови

Во последнава деценија, многу брендови се појавија како симбол на милениумската генерација - ветуваа свеж дизајн, директна комуникација со потрошувачите и производи кои не се само практични, туку и „инстаграмливи“. Денес, многу од тие некогаш „кул“ брендови се соочуваат со реалноста: или стануваат обични трговци, или исчезнуваат од пазарот. 

Еден од примерите е Мидеа, производител на клима-уреди што стекна култен статус кај младите урбани потрошувачи благодарение на енергетската ефикасност и минималистичкиот дизајн. Сепак, неодамнешното повлекување на 1,7 милиони уреди поради ризик од мувла го наруши имиџот на компанијата и покажа колку брзо довербата може да се изгуби.

Слична судбина имаа и други миленијалски брендови. Глосиер, козметичкиот гигант кој започна како блог и прерасна во културен феномен, денес е само уште еден бренд на полиците во Сефора. SmileDirectClub, кој ветуваше револуција во стоматологијата, банкротираше. Брендовите како Каспер, Ворби Паркер и бројни „директно-до-потрошувач“ стартапи мораа да се пренасочат кон физички продавници, губејќи ја аурата на нешто „ново и поинакво“.

Маркетинг експертите објаснуваат дека ова е природен циклус: секоја генерација има свои брендови кои изгледаат свежо и напредно, но со текот на времето тие или стануваат мејнстрим или го губат својот шарм. Во 1960-те вискито беше најпопуларна пијачка, за потоа да изгуби половина од пазарниот удел кога тогашните млади се свртеа кон вино и полесен алкохол.

Миленијалските брендови особено се потпираа на еден концепт: купувањето да изгледа како чин на „правење добро“ - пакувања во пастелни тонови, духовити пораки и пораки за општествена одговорност - такви финти. Но на крајот, потрошувачите повторно бараат истото што секогаш го барале - квалитетен производ. Како што вели еден универзитетски професор, „вредностите можат да бидат убав бонус, но луѓето пред сè сакаат нешто што функционира“.

Денес, миленијалците повеќе не го диктираат трендот на новите брендови. Наместо тоа, се ориентираат кон практични апарати за домаќинство или кон производи што се вклопуваат во животот во предградијата, каде што уште од пандемија полека се повлекуваат за да издржат финансиски, а со себе го носат и шопингот. Ерата на миленијалските брендови заврши и иако на некои им успеа да се трансформираат, многу останаа само како белешка од една генерациска мода.

25 август 2025 - 00:00