Како Брижит Макрон го редефинира стилот на една Прва дама?

Сега откако Макрон победи, а македонската јавност го даде своето скромно мислење за неговата сопруга (нели „бабата на Макрон, хехе“) можеме конечно да направиме муабет за тоа што појавата на Брижит Макрон значи за стилот, модата и влијанието на Првата дама во јавноста.

После килавите први месеци на Меланија Трамп во Белата куќа, мистериозноста на „девојка му на Оланд“ и беспрекорниот сјај на Карла Бруни, на сцена стапува Брижит Макрон, со сите свои блејзери, фармерки и практични штикли што за промена не се од колекцијата наречена од кола до ресторан и назад.

Французите аплаудираат на нејзините сукњи со должина над колена што сакаат да кажат „па што ако имам 63“. Нејзиниот типичен изглед за време на кампањата знаеше да вклучи бело сако, тесни фармерки и Луј Витон Капучин ташна, со особено истенчена естетика за ситници како измислени за Инстаграм: патенти, сјајни метални украси и црни очила за сонце, на пример. Кога една модна икона како Џеки Кенеди не отстапуваше од својата растрепкана пристојност, значи светот, а и британскиот Вог, ја доживува „француската Џејн Фонда“ како вистинско освежување.

Наспроти тивките украсни први дами на кои што сме навикнати, Брижит Макрон не стои зад својот сопруг, туку покрај него и активно е вклучена во неговите јавни настапи и одлуки. Нејзината појава не е скромна, без разлика што гардеробата не ѝ е наметлива, а сјајот не го добива со одлични фризери и шминкери, туку со моќта што очигледно ја има во раце, откако јавноста ја доживеа како еднаква, а не додаток за пред камери на Емануел Макрон.

Со оглед на тоа што Брижит има директна улога во спремањето на јавните настапи на Емануел Макрон, нема да ме изненади ако е нејзина идеја неговата рака да биде над нејзината за сликање.

Нејзиното влијание во политиката  не се намалува дури ни со нејзината слабост кон модата, Хермес, Луј Витон и првите редови на ревии на Диор. Напротив, луѓето се толку воодушевени од неа, што веќе ѝ се лепат критики дека го засенува самиот Претседател, затоа што се очекува француските политички сопруги само „да се вклопат“.

А Емануел Макрон нејќе ни да чуе: „Таа ќе ја има улогата што отсекогаш ја имала со мене, нема да биде скриена, затоа што делиме живот, затоа што нејзиното мислење е важно и затоа што претседателската позиција има и една лична димензија. Отсекогаш била покрај мене; таа е мојот еквилибриум.“

Интересно, дваесет и четирите години разлика меѓу Брижит и Емануел се истите дваесет и четири на Меланија и Доналд Трамп, само преведени на француски. А нивната тежина е како тежина на европска наспроти холивудска кинематографија.

 

13 мај 2017 - 13:23